Приватните автобуи влегуваат во штрајк, граѓаните нервозни, еден автобус се чека и повеќе од еден час

Приватните градски автобуси не може да возат на вода, затоа Град Скопје да покаже сериозност и да го исплати милионскиот долг, бараат приватниците кои влегуваат во целосен штрајк. Освен што нема да возат на приградските линии, нивните автобуси ќе ги нема и низ централните улици на Скопје. Целосно ја демантираат градоначалничката Данела Арсовска, дека Градот кон нив имал долг. Велат дека не било фер кога си ги бараат парите, да им пуштаат инспекции кои им ја чешлале целата документација.

  • Ние во моментот не бараме веднаш да се изврши уплата на целиот долг кој кај „Слобода превоз“ изнесува над 61 милион и 800 илјади денари а во „Макекспрес“ 30 милиони денари, туку бараме да имаме тековни уплати кои ќе бидат доволни за да можеме непречено да превезуваме патници. Она за што ќе одлучуваме денеска е дали ќе прогласиме активен штрајк како „Слобода превоз“ преку кој ќе го изразиме револтот и немањето воља со преговори да го заштитиме јавниот интерес – објаснува Јовановски.

Приватните превозници се оградуваат и од тврдењата на градоначалничката Арсовска за таа дека тие согласно договорите, се должни да ги почитуваат сите обврски, вклучително и фискализација на автобусите.

  • Фискалните принтери во автобусите и во приватните превозници и во ЈСП не се во функција. Ниту тие, ниту ние можеме да издаваме фискални карти. Исто така, никој од приватните превозници не продава билети во автобусите, затоа што ние немаме ни задолжено билети за да можеме да ги продаваме за да земаме пари кои подоцна не се уплатувале на сметките – вели Јовановски.

Во поглед на хигиената во автобусите, Јовановски истакна дека превозниците возилата ги одржуваат на почетокот и на крајот од извршувањето на превозот.

  • Ние во изминативе шест години немаме добиено ниту една забелешка, ниту еден записник за хигиената, а сега откако си ги побаравме парите да се наоѓаат некакви критики и изговори во моментов кога сме направиле иницијатива е многу некоректно – смета тој.

Јовановски се пожали и на притисоци бидејќи како што тврди, ваквото постапување го нарече користење „удбашки методи“ и порача дека евентуалните казни нема да ги заплашат.

За обвинувањата за политички инсинуирани протести и штрајкови, пак, кажа дека тука станува збор за егзистенцијални прашања, за акумулирани долгови и нема никаква вмешаност во политиката. Ние политички се вмешавме, рече тој, кога ја дадовме поддршката на Данела и за првпат приватните превозници се дрзнаа да дадат поддршка на некој што политички се кандидира.

И додека приватните превозници си ја префрлаат топката каде е проблемот, сиот товар паѓа врз грбот на граѓаните кои нервозни го губат трпението. Велат дека еден автобус дури и повеќе од еден час.

Инаку, превозниците од „Слобода превоз“ не возат на линиите 9, 12, 22, 23 и 45, а од крајот на октомври не сообраќаат ниту тие на „Макеспрес“ на линиите 19, 20, 22, 52 и 54. Од Град Скопје, пак, тврдат дека нема застој и автобусите на ЈСП ги покривавле и овие линии.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста