Приватна „забава“: Ковачевски далеку од обичните луѓе со Груби, Османи и најблиските соработници го прослави Илинден

Во друштво на Артан Груби, Бујар Османи, Фатмир Битиќи и други најблиски соработници, на настан затворен за обичните граѓани, премиерот Димитар Ковачевски го прослави најголемиот македонски празник Илинден. За прв пат во историјата еден македонски премиер тоа го направи на скопското Кале, кое за многумина од историчарите нема никаква поврзаност со Илинден.

Според Ковачевски, длабоките принципи на Крушевската Република и манифестот се темели на сегашната како што ја нарече Република Северна Македонија.

-И денес Републиката има потреба од нова државничка одлука на денешната генерација народни избраници, со што државата и граѓаните ќе продолжат по зацртаниот пат на напредокот. И денес е потребно да се свртиме кон аманетот кој ни го имаат оставено илинденците и асномците. Иако порано историјата го оценувала кревањето на Илинденското востание како преурането, денес на него се гледа како на неминовно и неопходно, изјави Ковачевски.

Најверојатно алудирајќи на уставните измени, Ковачевски ни порача дека мораме да ги прифатиме, бидејќи тоа ќе било државничка одлука, со која би го следеле примерот на заедништвото и решителноста на илинденците и асномците.

-Поучени од заедништвото и решителноста на Илинден и Асном, имаме обврска и ние да постапиме како генерации на денешнината како што ни доликува, да носиме одлуки што прават пат напред за идните генерации. Драги сограѓани, да си ја сакаш државата значи да се бориш и да се избориш за нејзините перспективи и за перспективите на граѓаните, изјави Ковачевски.

Во превчерието на Илинден, Ковачевски имаше обраќање и во Крушево. И таму говореше на тема уставни измени. Свесен бил и тој и тие околу него дека како и во минатото, така и сега имало отпор кај граѓаните, но тој ќе бил поразен ако имале фокус, енергија и самодоверба, која што ја имале илинденците и асномците.

Матеја Петровски

Advertisements