Приватизација на стерилизацијата – министерот глув на укажувањата од експертите

Министерот не отстапува. Стерилизацијата на инструменитите за операции во државните болници дефинитивно ќе стане приватен бизнис. Венко Филипче останува глув на забелешките на експертите кои по одлуката приватна фирма да ги одржува инструментите за операција, јавно укажаа дека ваквата постапка не е оправдана. За министерот не е потребна јавна дебата за да се даде „амин“ на приватник да одржува болничка опрема, доволна била физибилити студијата и разговорите зад затворени врати со директори на здравтсвени институции.

Од Асоцијацијата за дезинфекција и стерилизација велат дека принципот на централизирано управување со стерилизацијата од страна на приватна фирма веќе бил имплементиран во Европа, но од Асоцијацијата велат дека искуството покажало оти и по три години, таму концептот не покажал економска оправданост.

Економскиот оператор, за кој здравствените власти велат дека ќе бил избран во транспарентна постапка, за две години ќе треба да вложи 16 милиони евра. 5.8 во првата година, а останатите во втората година од работењето. Приватниот партнер ќе стопанисува со четирите регионални центри во период од 15 години.

За да се задржи квалитетот на здравствените услуги и да се избегнат несакани последици по здравјето на пациентите одржувањето на инструментите за операција мора да биде на највисоко ниво.
Токму стерилизацијата ги уништува сите вируси и бактерии и спречува ширење на сериозни инфекции во болнички услови, како ХИВ и хепатит. Оттука се поставува прашањето дали приватната фирма која ќе го добие тендерот би штедела во процесот на одржување со цел да дојде до полесна и побрза заработка?

Сања Трајковска Ставров