Претседателството на МАНУ донело одлука за промена на името?

Претседателството на МАНУ веќе донело одлука за промена на името на оваа најпрестижна научна институција во државата, дознава Алфа од извори во Академијата. Според нашите информации, прифатено е едно од имињата кои во јавноста ги обзнани премиерот Заев, Национална академија на науките и уметностите или Академија на науките и уметностите на Република Северна Македонија, а акронимот, односно скратеното име МАНУ ќе си остане исто. Официјално од Академијата нема никакво соопштение или став на претседателството, а според најавите Собранието на кое дефинитивно ќе се прифати новото име ќе биде одржано во четврток.

Од раководството на МАНУ минатата година кога му даде отворена поддршка на Преспанскиот договор, со објаснување дека тој е оптимално решение што Македонија може да го постигне во врска со спорот за името, испраќаа пораки дека ќе сторат се да нивната институција да не се преименува во Академија на науките на Северна Македонија, бидејќи има простор за либерално толкување на членот од Договорот кој се однесува на кодовите и придавките на државните институции.

-Договорот не задира, ниту пак може или смее да задира во тие прашања бидејќи тие се супра национални стандарди и норми кои не можат да се одземат, ограничат или суспендираат. МАНУ постои само овде, не постои во Грција, или пак МНТ, Македонска филхармонија, така што тоа именување не би им правело на нашите соседи никакви пречки – изјави академик Владо Камбовски на 10.09.2018.

Пораката од Владата меѓутоа, беше повеќе од јасна. Сите институции ќе го сменат името а МАНУ нема да биде исклучок.

-Кратенката МАНУ останува, а академиците ќе го утврдат конкретното долго, ново име на институцијата, изјави портпаролот на Владата Миле Бошњаковски.

Дел од академиците јавно се противат на промената на името и не го кријат својот бес поради наметнувањето на насилни решенија. Порачуваат дека МАНУ е институција со научна историја и интегритет и во никој случај не може да биде преименувана во „национална“ или „На Северна Македонија“.

Драган Милосављевиќ