Претседателот на Судскиот совет бара од министерот за финансии да ги покачи платите на судските работници
Или зголемување на платите или блокада на целиот судски систем. На претседателот на Судскиот совет му зовре откако на вчерашната седница не се донесе одлука за зголемуваање на платите на судските административни работници. Тој од министерот за финансии побара да покаже разбирање , но и да најде начин за зголемување на платите на административците.
„Тоа претставува реален проблем и работиме на тоа. Во делот на министерот за финансии уште една го повикувам да има разбирање и да најде начин да се надминат овие проблеми инаку би дошло до блокирање на судството. Ќе застане целото судство, бидејќи без судска администрација ќе се блокира судството во буквална смисла на зборот . Тоа е една алатка во судството, каде што без овој дел не може да функционира судството„ изјави Сашко Георгиев, претседател на Судскиот совет.
Малите плати и укинувањето на додатоците на плата е сериозен проблем со кој се соочува судската администрација. Судскиот буџетски совет во неколку наврати правел напори за пренамена на средства од капитални инвестиции да ги пренаменат за плата, но обидите биле неуспешни, објаснува Георгиев.
„Судскиот буџетски совет во неколку наврати имаше и обиди со свои одлуки за пренамена на средства од капиталните инвестиции коишто се на располагање да ги пренамени во додатоци за плата и како би се изамортизирал тој дел и да може на некој начин утешно да се делува за администрацијата, но сето тоа повторно од страна на Министерството за финансии не помина и без нивна согласност не беа одобрени овие парични средства и останаа без додатоци„ изјави Сашко Георгиев, претседател на Судски совет.
Судската администрација веќе подолго време бара покачување на платите, како и исплата на додатоци на плати. Револтот на административците стана уште поголем откако функционерите, а меѓу нив и судиите си ги покачија платите за 78%. Беа организирани и неколку протести пред судовите низ целата држава.
Александра Ристевска