Пресуда за Јанкулоска – судот не ги зема предвид аргументите на одбраната

Мерцедесот Ц 600 Гард е единственото возило кое ги исполнува врвните европски и светски стандарди за заштита на ВИП личности.

Специјалното обвинителство случајот „Тенк“ го темелеше на тврдењето дека автомобилот бил набавен нелегално, односно по желба на тогашниот премиер.

Одбраната пак остана на ставот дека нема дело, бидејќи дури бил распишан и тендер што не е законска обврска во ваков случај – претходно МВР секогаш купувало блиндирани возила во четири очи, односно со директна спогодба поради протоколите за заштита. Ова на рочиштата беше потврдено и од дел од сведоците.

„Ова е прв пат некоја државна институција да набави вакво возило со тендер, без да го искористи законското право за директна спогодба и при тоа да набави каква марка на возило сака и од кого сака.“ -рече пред судот директорот на претставништвото на „Мерцедес мак ауто стар“, Зоран Марковски во март годинава.

Според исказите на други сведоци, компанијата не остварила екстра профит при набавката со што немало никакво оштетување на буџетот. И направените вештачења го потврдија ова.

Адвокатите на одбраната постојано укажуваа дека нема дело, како и дека целиот случај е политички мотивиран. Тие тврдеа дека има и пропусти во правната процедура – па така гонењето е застарено, и во апсолутна и во релативна смисла.

Според прописите, земјава треба да има повеќе „специјални“ автомобили. За четирите домашни ВИП личности кои според законите, мораат да се превезуваат во блиндирано возило, Премиерот, шефот на државата, претседателот на Собранието и министерот за внатрешни работи, а неопходни се и дополнителни две возила за странски ВИП гости, што значи дека треба да се поседуваат околу 10 вакви автомобили.

Мерцедесот кој во јавноста стана познат како ТЕНК поради името на предметот беше и во фокусот на предизборната кампања. Тогашната опозиција ја критикуваше набавката, а Зоран Заев вети дека кога ќе стане премиер ќе го продаде автомобилот и со парите ќе купи амбулантни возила. Сепак, ова не се случи.

Мерцедесот и сега редовно се користи за потреби на високи странски, но и домашни функционери. Па така, во него се возеа генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенбер, канцеларот на Република Австрија Себастијан Курц, германската канцеларка Ангела Меркел. Во него се вози и премиерот Зоран Заев.

Дополнително, на автомобилот беше извршен и сервис кој чинеше 30 илјади евра, а за кој не беше распишан тендер.

https://www.youtube.com/watch?v=1D6odJdPuoU&feature=youtu.be