Преспанско сценарио за Бугари во Устав: Маричиќ соопшти кои две сценариа ги има власта за уставните измени
Власта ќе бара нови Крсто Мукоски, Елизабета Канчевска Милевска, Сашо Василевски, Нола Исмајловска, Владанка Авировиќ, Емилија Александрова, Љубен Арнаудов и Зеќир Рамчиловиќ. Власта најотворено се заканува со Преспанското сценарио, тоа е опција за Ковачевски и Маричиќ и за влезот на Бугарите во Уставот.
Ако ВМРО-ДПМНЕ не решеле да гласаат за уставните измени, тогаш ќе се обидувале да убедуваат опозициски пратеници, на начин на кој тоа беше направено пред пет години. Тогаш народни избраници беа пуштани од притвор на денот на гласање, а други пак добиваа солени тендери по гласањето во Собранието.
-Постојат два начина. Едниот начин е ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија да одлучи целосно да даде поддршка под одредени услови, кои што беа разговарани и на лидерската средба која што се одржа пред два месеци од прилика. Вториот начин е да дел од пратениците да одлучат да гласаат за овие уставни промени, како што имавме случај пред пет години за претходните уставни промени. Јас не гледам трет начин, изјави Маричиќ.
Предвремени парламтерни избори се целосно непосакуван збор во речникот на власта. Иако граѓаните во најголем процент се против уставните измени и бараат предвремено изборно соочување, за Маричиќ тоа е возможно само ако се изгласаат уставните измени.
-Изборите не се решение, напротив мислам дека е најдобро да ги ослободиме граѓаните од популизам и национализам, да гласаме за уставните измени и веднаш потоа може да се оди на избори. Мислам дека е логично веднаш после тоа да се оди на избори, па да видиме кој ќе понуди подобра програма, изјави Маричиќ.
А во ек на економска криза, кога обичниот човек едвај наоѓа пари да се прехрани, власта ќе троши речиси 100.000 евра да ги убедува луѓето зошто треба да се изгласа внесувањето на Бугарите во Уставот. Со таа цел започнува кампањата која Секретаријатот за европски си ја именуваше „Ние сме Европа“.
-Кампањата чини пет милиони денари, значи 80 илјади евра, таа е буџетски испланирана уште минатата година за оваа година во рамките на Секретаријатот за европски прашања како промоција на европски вредности или програма за промоција на европски вредности. Се изведува преку спроведена јавна набавка одобрена од Бирото за јавни набавки, по сите процедури од страна на агенција, вели Маричиќ.
Власта ќе потроши 5 милиони денари за проект во кој ќе ги убедуваат граѓаните во мисија која во овие моменти изгледа невозможна, бидејќи јасен и цврст е ставот на опозицијата дека уставни измени под овоие околности и бугарски диктат нема да поминат во Собранието.
Матеја Петровски