Преспанското Езеро досега има загубено 53 милиони метри кубни вода, а државата без конкретен план за негово спасување ?! –

Преспанскиот езерски бисер, судејќи по се’, продолжува да ја „живее“ својата агонија со „живот на шкрги“. Според последните официјални пресметки на Министерството за животна средина од 2021 година, Преспанското Езеро досега загубило фрапантни 53 милиони кубни вода што е еднакво на една вештачка акумулација, тврдат преспански еко-активисти кои се повикуваат на анализите на професионалните екологисти.
„Од 2021 година, пресметката на Министерство за животна средина укажува дека на Преспанско Езеро му недостигаат 53 милиони метри кубни вода што е колку едно цело езеро со вештачка акумулација, што значи ако пресметаме, во последните три децении Преспанското Езеро ја загубило речиси половина од својата вода, што не’ носи пак до фактот дека целиот био-диверзитет и еко-систем се нарушени“, – вели Марија Ефтимоска од Здружението „Еко-Герила Преспа“ од Ресен.
Декларативните обиди на трите соседни земји за каков-таков спас на езерските води, главно останувале само на хартија. „Досега се изработени низа стратешки документи, планови, студии, но во реалност сите тие се потпомогнати од некои европски донации и кога ќе заврши самиот проект, имплементација на тие резултати од студии и стратешки планови – нема“, објаснува Ефтимоска.
„Пред неколку години имаше обид и се состави Комисија помеѓу трите држави: Македонија, Грција и Албанија која што требаше да има задача за спас на Преспанското Езеро, меѓутоа транспарентни документи од состаноци, заклучоци или слично – немаме видено ние како активисти, иако постојано следиме“, – посочува Ефтимоска.
Меѓутоа, и покрај ваквата силна тревога од одамна вклучениот црвен аларм, премиерот Ковачевски во јануари изјави дека допрва ќе се правеле анализи и ќе се преземале мерки за спас на Езерото.
„Ние разговаравме со ресорните министерства во врска со овој проблем и дека во наредниот период ќе мора да се изработи анализа врз основа на која ќе може да се определат активности и мерки како да се спаси Преспанското Езеро, исто како што во минатото беше направено и со Охридското Езеро“, – кажа премиерот на Димитар Ковачевски (21.01.2023)
Исто така, апсурдот да биде поголем, Владата со назнака „итно“, побарала општина Ресен да ги врати и веќе замрзнатите наменски средства во висина од 84 милиони денари, а кои се наменети токму за спас на Езерото, барање кое Општината категорично го одбила, независно од евентуалните можни последици или казни.
Каролина Дурло