Преспанското езеро губи се повеќе вода – државата не презема ништо

Второто по големина македонско природно Езеро, Преспанското, продолжува да се бори за живот. Водостојот и понатаму загрижувачки се намалува, а сериозно е нарушен и биодиверзитетот во преспанските води. Доколку продолжи овој тренд, за само десет години, нивото на Езерото може да се намали за уште 2 метри, односно да изгуби уште 15 проценти од сегашниот воден волумен, смета проф. д-р Дејан Трајковски. Според него, причините за ваквите алармантни состојби се неколку. Глобалното затоплување, наводнувањето, но и се’ поголемото понирање на водите, а за што нашата држава не правела ништо, иако ова било заеднички проблем на трите соседни земји: Грција, Албанија и Македонија.

Можно е да се отвориле некои нови патишта на понирање на водата во Охридско Езеро, но тука еве, ништо не е преземено, ниту се знае од каде понира водата, ниту пак е нешто преземено за евентуално стопирање на тие водени патишта. Тие се сигурно многу големи, најверојатно течат цели реки под Галичица и без нивно лоцирање и стопирање, многу малку може да се стори, а тешко дека нашата држава сама има капацитет да го стори тоа“, – ни изјави за Алфа, проф. д-р Дејан Трајковски. 

Професор Трајковски вели дека во однос на 1962 година, сегашениот волумен на Езерото е намален за неверојатни 40 проценти. Годишно, езерото губи околу 55 см од нивото, а додека годинашниот максимум спореден со ланскиот, покажува неповратно губење на уште 17 см од нивото што пак дополнително го загрозува езерскиот биодиверзитет.

На незаинтересираноста на државата за спас на Преспенското Езеро, минатиот месец реагираше и градоначалникот на Ресен. Според неговите сознанија, 84-те милиони денари, кои општината ги имала како наменски средства за спас на Езерото, како и изготвената нова техничка документација, Владата сакала да ги повлече.  

Нашите последни информации се дека Владата, покрај тоа што не’ уби со струјата, со кратењето на блок-дотациите, со кратењето на ддв-то, сега и наменските средства за спас на Преспанското Езеро за Ресен, ќе биле повлечени. Се надевам дека грешам“, – посочи Јован Тозиевски, градоначалник  на Ресен

Инаку, според последните мерења, нивото на Езерото е спуштено дури за 2,5 до 3 метри под критичниот минимум, а повлекувањето на водата долж брегот е од неколку стотици метри, па се до 3 километри, во зависност од конфигурацијата и местополжбата.

Каролина Дурло

Advertisements