Преспанските овоштари најавуваат радикални протести

Расположението на преспанските овоштари по синоќешниот предупредувачи собир во Ресен, достигна точка на усвитување. Преполните складишта со големи залихи на јаболка од ланската реколта, ниската откупна цена, неисплатените субвенции од лани и штетите од претходните две години, си го сторија своето. Тие се одлучија за порадикален чекор и утре претпалдне, два часа ќе го блокираат магистралниот пат Битола- Ресен, кај месноста Maкази.

Преку деведесет отсто од овоштарите од Ресен, најголемиот дел од производството им стои во магацините. Тоа значи, кај сите, без разлика на партии, на националност, сите околу ова сме обединети и на протести сите ќе излегуваат- рече Албен Бекири, овоштар од с. Грнчари

Јаболкопроизводителите бараат итна средба со премиерот Заев на која очекуваат на маса да се стават сите проблеми.

Прво, бараме средба со премиерот Заев за да ги решиме проблемите кои што ги имаме, второ, да се продолжи интервентната мерка со важност до 30 јуни заради колчините што ги иамме во моментот со над 50. 000 тони и останатите проблеми да ги договориме на лице место – рече Љубе Пампулевски, претседател на Здружението на овоштарите. – Бараме од Владата штетите да ни се исплатат во најбрз можен рок зашто започнува сезоната на активности во јаболковите насади- рече Менде Ивановски, претседател на Иницијативниот одбор.
Во вакви околности, во ланската реколта кога над 70. 000 тони јаболка испопаѓаа поради лошото време и се наменети за преработка, а за конзумното јаболко пазарот е индифирентен и сега едвај се продаваат по шест денари за килограм, сето тоа доведе до финансиски колапс.

Имав производство од 400 – 500 тони, од кои, имам продадено само 40 тони, а другите стојат во нашите магацини. А најалармантно е што цената на конзумното јаболко почна да се движи од 3 до 6 денари- рече Бекири. – Замислете овоштар кој во своите магацини има стотина или двесте тони јаболка, храна со квалитет од прва и втора класа, а следното утро оди во продавница и се пишува за два или три леба- рече Пампулевски.
По утрешниот протест, од реакциите на власта во голема мерка ќе зависи какви ќе бидат натамошните перспективи на јаболкопроизводството, во кое ,евидентно, покрај поддршката со субвенции, неопходно е сериозно организирање на извозот и заштита на овоштарите од канџите на прекупците, кои го јадат најголемиот дел од колачот на овој доходовен агробизнис.

Петар Стефановски