Преспанскиот го урива и Ципрас – Грчката влада пред распаѓање, Коѕиас поднесе оставка!

Преспанскиот договор ја урива и грчката влада. Шефот на дипломатијата Никос Коѕијас поднесе оставка по тензичната седница во Атина на која со министерот за одбрана Панос Каменос меѓусебно се обвинувале и навредувале, а премиерот Ципрас, практично ги молел да не го уриваат кабинетот. Според грчките медиуми Ципрас се обидувал да балансира меѓу раскараните министри тврдејќи дека двајцата имаат иста одговорност за кризата, по што Коѕиас одлучил да крене раце од учество во Владата. Ципрас ја прифати оставката и самиот себеси се постави за министер за надворешни работи, за како што соопшти, „да помогне со сите сили во успешно завршување на Договорот од Преспа“.

-Решив во следниот период самиот да го преземам Министерството за надворешни работи и неговата одговорност. Испраќајќи во исто време порака дека овој мој избор е избор што ја сигнализира мојата одлучност да направам сѐ што е во мои раце и да обезбедам успешно завршување на историскиот Договор од Преспа што ја надградува меѓународната улога на земјата, рече Ципрас.

Koѕиас пак, по оставката на Твитер ја објасни својата позиција во поетски манир:

Моментот дојде, вели поетот, да се одлучи со кого одам и од каде заминувам. Премиерот и серија министри ја донесоа својата одлука. Добро е да се запомни следниот стих: Сакаа длабоко да ме закопаат, но заборавија дека јас сум семе!

 Со ова Владата нагло ослабува и следува развој на настаните кој ќе води кон предвремени извори. Но не само тоа, оставката на Коѕиас ќе ја расклати и  позицијата на владата на македонскиот премиер Заев. Според грчките медиуми оставката на Коѕиас ќе биде искористена од ВМРО-ДПМНЕ за спречување на промената на уставот, бидејќи опозициската партија ќе тврди дека и самата Грција го менува својот став за Договорот од Нивици. Дека кризата во грчката влада е повеќе од сериозна потврдува и Нова Демократија на Мицотакис од каде велат кабинетот на Ципрас се наоѓа во распаѓање и нејзините членови не можат да го скријат тоа дури и зад затворени врати, а единствениот начин за излез од кризата го гледаат во предвремени избори.

Драган Милосављевиќ