Пресметките и анализите во тек – кои ќе бидат претседателските кандидати?

Се стеснуваат обрачите за предлог на потенцијален кандидат за нов шеф на државата. Партиско решение или натпартиски кандидат – коалициите пред одлука. Изборите ги раскараа двете струи во СДСМ, па вечерва највисоките органи ќе ги судрат ставовите околу тоа кој ќе ги претставува во претседателската трка.

Моменталната „битка“ во Бихаќка според наши извори се води токму помеѓу актуелните министри – Спасовски кој далеку предничи пред Шеќеринска и Димитров… Во јавноста се шушка и името на Абдулменаф Беџети, ректорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, како предлог на Заев за консензуален кандидат. Потпретседателот на СДСМ Мухамед Зекири веќе му фрли ракавица на Али Ахмети предложувајќи му имиња за консензуално решение – Денко Малески, Лазе Еленовски, Владо Поповски.

ДУИ преку вицепремиерот Османи потврди дека имаат начелно договор за консензуален кандидат на коалицијата.

Поддршка на било кој кандидат кој ќе го предложи владината коалиција дополниелно се расцепува, по најавата на ЛДП дека самостојно ќе ја трчаат претседателската трка.

Албанската опозиција не признава консензуален кандидат. Партиите на Села и на Касами велат такво решение е возможно само доколку идниот шеф на државата се бира во Собрание. Села порачува редно било Македонија да добие претседател Албанец.

Во ВМРО-ДПМНЕ засега единствен кој јавни ги обелодени претседателските амбиции е пратеникот Влатко Ѓорчев.

Партискиот лидер, Христијан Мицкоски, не открива кој е негов фаворит. Вели дека одлуката ќе ја донесат делегатите на конвенцијата што ќе се одржи на 16-ти февруари во Струга.

ВМРО-ДПМНЕ веќе се подготвува – претседател на изборниот штаб ќе биде генералниот секретар на партијата, Игор Јанушев. Извршниот Комитет синоќа доекипираше и повеќе партиски комисии и тела а избра и нов претседател на УМС, Јован Јаулески.

Ивана Соколовиќ Најдова