});

Препораки и совети наместо мерки против загадувањето

Власта дава препораки за загадувањето, но нема одговор дали и владините претставници ќе се придржуваат кон нив. Министерот за здравство ги повтори апелите до граѓаните, кога е загадено да не се возат по еден во автомобил, да користат јавен превоз, да се носат заштитни маски, но одбегна да одговори дали и тој ќе ги применува.

-Доколку концентрацијата на ПМ честичките во воздухот надмине 200 микрограми на метар кубен ќе излеземе со дополнителни мерки, а во смисла на ослободување од работните обврски на бремените жени, лицата постари од 60 години, лицата со хронични болести, посочи министерот Филипче.

Сè уште не се набавени заштитните маски за хронично болните.

-Со секторот за примарна и болничка заштита во Министерството работиме на изнаоѓање на најпрактичниот и најдобриот начинот како да се поделат, се работи на набавка, вели министерот Филипче.

Од Институтот за јавно здравје, пак, посочуваат дека за да имаме подобар квалитет на воздухот освен придонес од страна на граѓаните, потребно е да се работи на долг период, а не само кога има енормно загадување.

Загадувањето има драматичен ефект врз здравјето на луѓето, а според Институтот за јавно здравје околу 1300 лица годишно умираат како последица од аерозагадувањето. Подраматични од ова се предупредувањата на СЗО која пресмета двојно повисока смртност во Македонија како псоелдица на загадувањето. Светска банка предупреди и дека несправувањето со овој проблем ја чини Македонија годишно над 300 милиони евра.

Сања Трајковска Ставров