Преполовена казната за убиството во новогодишната ноќ

Битолска апелација ја преполови затворската казна за убиецот на 26 годишниот Димитар Матилоски, укинувајќи ја првичната одлука на охридскиот Основен суд кој српскиот државјанин Бојан Угреновиќ го осуди на казна затвор од 16 години.

Трагедијата да биде уште поголема, од убиецот кој до смрт го претепа младото момче чиј живот згасна за време на новогодишната ноќ во 2016-та година, нема ни трага ни глас. После година и пол откако охридскиот Основен суд донесе решение на српскиот државјанин да му се суди во отсуство, и одреди мерки на претпазливост лицето да не ја напушта Македонија, одземајќи му ја патната исправа пасош, за органите на прогонот тој се уште е недостапен.

Убиецот доби можност да се брани од слобода, бидејќи судот му го укина притворот согласно законот за кривична постапка. Тој се појави само на првото рочиште и го снема. Единствена утеха на мајката која ја доживеа најголемата душевна болка е пишувањето, тој вечен непребол по синот кој никогаш повеќе нема да го види, Драгица го преточи во третата книга „Мојот живот после изгубен живот”.

После свирепото убиство на мојот син, живеам пеколен живот, вeли Матилоска, не знам што е пострашно утрото денот или ноќта. Таа кажа дека одлуката на битолска апелација ќе ја обжалат пред Врховен суд.

Росица Голабоска