Премиерот си има друга реалност: Макрон не кажал ништо спорно, Ковачевски останува на ставот дека Бугарите во Устав е клучна работа
Сите слушаме едно само премиерот Димитар Ковачевски друго. Емануел Макрон не кажал ништо спорно. Според македонскиот премиер, кој секој ден не убедува дека внесувањето на Бугарите во Уставот, ќе значи членство во ЕУ, до 2030-та година, вели дека изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон, кој наговести дека е против брзо проширување на ЕУ, не била ништо ново и немало за што да се грижиме. Требало да си работиме, тоа била пораката на Макрон, кој кажа дека ЕУ тешко издржува со 27 членки, а уште потешко би било со 32 или 35.
-Што се однесува до изјавата на претседателот Макрон, таа не се разликува од неговата претходна изјава, кој што вели дека во Европската Унија се пристапува според реформите кои што се направени. Тоа значи дека оние кои што ќе ги направат своите реформи побрзо и ќе ги исполнат критериумите на ЕУ, тие ќе станат членки на ЕУ, пред оние кои што нема тоа да го направат, изјави Ковачевски.
Додека од странскиот фактор добиваме извештаи дека мораме да работиме на корупцијата, условите во правосудството и што уште не, Ковачевски сепак отанува оптимист. До 2030-та ќе сме биле првата земја од Западен Балкан членка на ЕУ. Лидерот на опозицијата пак вели дека со оваа власт немаме европска иднина, нивната единствена цел била што подолго да ги задржат своите удобни фотелји.
-Единствено на кое се надеваат е да коленичат, да одат против својот народ, само да останат некој ден подолго на власт. Но, секој украден залак од народот ќе им преседне, тоа јас им го ветувам. Ќе има одговорност и тоа тие го знаат. Затоа се смртно уплашени од избори, но епското бегање од избори, не може да трае вечно, изјави Мицкоски.
Додека од Европа ни стигна директна порака дека сме морале да работиме на реформите со тоа Европската Комисија го одби предлогот на Шарл Мишел за проширување, Ковачевски сепак вина бара кај опозицијата, таа била онаа што сакала да ја изолира државата. Ковачевски останува на ставот дека уставните измени морале да поминат, а за тоа ќе разговарал со секого од политичките фактори во државава.
Матеја Петровски