Премиерот не ја почека ратификацијата на договорот во грчкиот парламент – замина на одмор

Ден по изгласувањето на уставните измени во законодавниот дом за промена на уставното име од Република Македонија во Република Северна Македонија, премиерот Зоран Заев замина во Германија, за да се одмори.

Информацијата и официјално ја потврдија од владината прес служба, но откако, косовскиот премиер Рамуш Харадинај преку социјалните мрежи објави фотографија од средбата со Заев, по што владиниот гласноговорник Миле Бошњаковски соопшти оти премиерот тргнал на пат за Германија, и користи слободни денови.

Од владината прес служба добивме нецелоносен одговор на поставените прашања во однос на тоа каде сè ќе престојува Заев, каде е сместено обезбедувањето од МВР и колку пари се одвоени за безбедноста на премиерот.

-Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев е во приватна посета на Германија и користи слободни денови. Сите трошоците, авионски билети, хотелско сместување и сè останато, а поврзано со престојот, целосно се во приватна режија, покриени од страна на премиерот Заев. Заедно со него, а во согласност со закононите по службена должност, присутно е и обезбедување, велат од владината прес служба.

Одговор за тоа каде ќе биде сместено обезбедувањето, колкумина брои истото и колку тоа чини – не добивме.

Претходните информации од владиниот прес центар се дека Заев немало да биде тука цела недела, а освен Германија, премиерот ќе посетел и други локации, но за кои места станува збор, засега, за јавноста, останува непознато.

Претходно, по пат, додека го чекал летот на приштинскиот аеродром, Заев се сретна со косовскиот премиер Рамуш Харадинај, кој пак на социјалните мрежи се пофали оти му честитал на, како што напиша, премиерот на Северна Македонија, за постигнатиот успех во однос на заокружувањето на „Преспанскиот договор“.

Сања Трајковска Ставров