Премиерот најавува чистка по кој знае кој пат, но само ги турка проблемите под тепих

Кога и да „згусти“, Заев најавува промени кој никако да ги спроведе. Пред да стане премиер беше дециден, „ќе му кажам збогум на секој кој нема да испорача резултати“.
Два месеци откако влезе на Илинденска број 2 изјави дека двајца високи функционери се под истрага за корупција.
-Тука се само два месеца и веќе се под истрага. Други детали не можам да кажам. Наш приоритет е во Македонија да не се појавуваат грешките од минатото, пред сѐ корупцијата. Законот мора да важи за сите, изјави тогаш Заев.

И толку. Ова никогаш повторно не беше споменато. Следеше скандалот во Фондот за иновации кога дел од 10-те милиони евра завршија кај луѓе многу блиски до владиниот врв. Но, тогаш се смени и реториката.
-Ако така бараме оставки, потоа ќе се мислиме од каде да најдеме луѓе да ги ангажираме во власта, изјави Заев.

По првиот круг претседателски избори, премиерот прави ротација од 180 степени и повторно најавува чистка која досега не беше спроведена.

Неизвесно е кој се ќе биде опфатен со генералното чистење ако се земе предвид дека избија скандали за повеќе министри и директори – од непотизам и злоупотреби до недоаѓање на работа и сомнежи за корупција. Ниту еден од случаите засега нема конечна разврска.

Сања Трајковска Ставров