Премиерот Заев во одбрана на пратеникот Богоевски: Тоа е негово лично право

Премиерот Зоран Заев го брани пратеникот Павле Богоевски, вели дека порачувањето на недозволена супстанца било негова приватна работа. Вака Заев ја прокоментира аудио снимката на која се слуша како Богоевски порачува супстанца за која самиот призна дека е противзаконска. Премиерот вели дека тој направил чекор со тоа што се пријавил во полиција.

-Не сум имал можност да се видам, јас ќе се видам со пратеникот да разговарам за деталите но ги следам случувуањата што се случуваат во овој динамичен период. Заради тоа тоа што треба да биде еднаков со сите свои граѓани, тој направи чекор и отиде се пријави за оваа работа, не само да го пријави таксистот. Се пријави и тој што тоа сакал да набавува, изјави денеска Заев во Виена.

Во меѓувреме Јавното обвинитество му нареди МВР да се направат проверки за утрдување на идентитетот на таксистот, за кој Богоевски обвинува дека го снимал. Дополнително и за лицето од кое била нарачувана дрогата, а и за сопственикот на профилот на руската социјална мрежа Вконтанкте, но каква постапка ќе се поведе против пратеникот не информираат.

-До МВР е доставена Наредба за да бидат направени проверки околу утврдување на идентитетот на таксистот кој наводно извршил снимање на разговорот, да се направат проверки од кое лице евентуално била нарачувана наркотична дрога и за кое лице била нарачувана. Министерството за внатрешни работи преку меѓународните инструменти кои ги користи ќе треба да направи проверки и за тоа кој е сопственик на профилот на руската социјална мрежа vkontakte, велат од ОЈО.

Опозицијата оставајќи му прашок за перење  алишта пред Собранието, побараа пратеникот да се повлече од собраниските клупи.

-Павле Богоевски се уште е пратеник. Не сака да се повлече ниту од морални, ниту од здравствени причини.Ние пак не сакаме избраник на граѓаните да носи одлуки со поматена свест. Не сакаме да се вознемирува кога нема да му биде средено убаво она пола кое што го нарачува. Вчера ти оставивме бело брашно ама нема благодарност од твоја страна. Извини ако сме ти го згрешиле “белото”. Еве денес пак бел прашак. Пак имаш цело кило. Можеш да переш алишта ама нема гаранција дека и совеста ќе си ја испереш. Само сакаме да ти напоменеме, во упатството за употреба јасно стои дека не е за преку нос, изјави Сергеј Попов од ВМРО-ДПМНЕ.

Откако аудио снимката се појави на социјалните мрежи, Богоевски ја потврди автентичноста на истата, а се правдаше дека не порачувал опојни дроги, туку масло од канабис.

Матеја Петровски