„Преку езерото“ – меѓународен филмски фестивал по втор пат во Дојран
„Преку езерото“ е меѓународен филмски фестивал што по втор пат ќе се одржува на брегот на Дојранското Езеро. Второро издание на фестивалот на медитерански и европски филм ќе се одржи годинава од 19 до 23 јули.
Фестивалот, како што велат организаторите, кој е единствен од ваков тип во Македонија, годинава оформува три официјални селекции во кои ќе се прикажат повеќе од десет кратки и долгометражни филмови од автори кои живеат или потекнуваат од медитеранските земји.
„Дојран филм фестивал, како фестивал на медитеранскиот филм има за идеја ‘преку езерото’ да ги собере луѓето со слободен дух, луѓето кои меѓу себе ќе ги споделат вредностите на културата, уметноста, особено за филмот како популарна уметност, филмот како уметност што зборува со свој јазик, а кој сите го разбираат“, вели Јани Бојаџи, филмски режисер и продуцент, како и иницијатор на фестивалот.
Бојаџи вели дека фестивалот освен што е посветен на филмот, тој е фестивал на слободата што треба да „ги премине границите преку езерото“.