„Преку езерото“ – Македонија од 5 до 7 август во Дојран се збогатува со нов квалитетен филмски фестивал

Дојран го добива својот прв филмски фестивал. Претстојниов викенд од 5-ти до 7-ми aвгуст на брегот на дојранското езеро за прв пат ќе се одржи филмскиот фестивал „Преку езерото“. Иницијативата замислена од филмскиот режисер и продуцент, Јани Бојаџи, треба да прерасне во етаблиран фестивал на балкански и медитерански филм, во кој се разработуваат теми кои го карактеризираат духот на медитеранот, културата, уметноста и традицијата на медитеранските земји.

– „Дојран филм фестивал има за идеја да ги собере преку езерото луѓето со слободен дух, луѓето кои меѓу себе ќе ги споделат вредностите на културата, уметноста, посебно на филмот како популарна уметност. Филмот како уметност кој зборува со свој јазик, кој сите го разбираат. И во суштина, освен тоа што би требало да биде фестивал на филмот, идејата е да биде и фестивал на слободата, односно, фестивал кој ќе ги премине границите преку езерото. Оваа година фестивалот се одржува за прв пат.“ – Вели организаторот Јани Бојаџи.

Филмскиот фестивал свечено ќе го отвори хрватскиот филм „Марко“ на режисерот Марко Шантиќ, емотивна драма за семејство кое останува без својот единствен син. Во официјалната селекција ќе бидат прикажани 9 филмови од Грција, Турција, Египет, Хрватска, Србија, Црна Гора и Италија. Боите на Македонија ќе ги брани авторката Ангела Димеска со 14-минутното дело „Перики“, сторија за адолесцент кој се уште ја истражува сопствената сексуалност. Меѓународното жири кое ќе ги оценува филмовите во официјалната селекција е составено од истакнатиот грчки резжисер Василис Мазоменос, продуцентот Гоце Кралевски и сценаристката Ева Камчевска. Во ревијалната програма ќе бидат прикажани три долгометражни филмови.

Во склоп на фестивалот ќе се одржи и мастерклас на тема: „Трагањето на сценаристите по вистинското значење на темата во нивните сценарија“. Мастеркласот ќе го води докажаниот скрипт-консултатнт од Англија, Џон Стивенс.

Освен седмата уметност која ќе биде во фокусот на филмскиот фестивал, настанот ќе биде проследен со дополнителна програма која треба да обезбеди целосно музичко и гастрономско доживување.

Никола Цветкоски