Презентиран владиниот пакет – помош за граѓаните, компаниите ќе почекаат за конкретни мерки

350 милиони евра, за граѓаните и компаниите најави Владата како помош за населението и бизносот, и тоа за полесно пребродување на кризата. Помошта за граѓаните со најниски примања е конкретизирана и јасна, но за она што е витално за компаниите – енергенсите и нивната цена, се уште нема финално решение.

Конечно презентиран сетот мерки за справување со енергетската и ценовната криза – наменет за граѓаните и стопанството, вреден 350 милиони евра. Но компаниите ќе мора почекаат до следната недела, за кога ќе конкретни мерки за нив. Како што соопшти премиерот Димитар Ковачевски, со овие пари, ќе им се помогне на ранливите категории граѓани, на училиштата и градинките, но и на малите и средни претпријатија.

  • Никој нема да биде заборавен и оставен сам да се справува со кризата. Со новиов пакет од 350 милиони евра, предвидена е и значителна помош за пензионерите со најниски примања, кои може да очекуваат еднократна помош уште од ноемвриската пензија, ако Собранието го поддржи предлогот, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

Дел од мерките ги опфаќаат социјално ранливите категории граѓани, невработените и пензионерите со ниски примања. Според планот, околу 42 илјади граѓани во наредните четири месеци ќе добиваат по 3 илјади денари.

  • Тука спаѓаат лицата кои користат право на социјална сигурност, лица кои користат право на попреченост, родители на деца со попрченост до 26 годишна возраст, лицата со потешки трајни промени во здравстевната состојба, самохрани родители како и невработени. За оваа мерка се издвоени над 8 милиони евра, изјави Ковачевски.

Над 12 милиони евра се издвојуваат и за пензионерите кои земаат пензии до 14 илјади, а со мерките се опфатени и основните и средните училишта, кои ќе се приклучат на регулиран пазар за снабдување со електрична енергија, за што се издвоени 1 милион евра. Опфатени се и здравствените установи, како и мерните станици за водни пумпи за кои е обезбедена субвенција за струја.

И додека од Владата само најавуваат мерки, расте нервозата кај стопанството по бранот поскапувања, тргнувајќи од струјата, повисоки цени на храната, сиромаштија, и капак на се инфлацијата која ближи 20%. Дел од компаниите веќе ставија клуч на врата поради скапата струја, а ако помошта уште веднаш не стаса кај нив, ќе има и нови отпуштања. Станува збор за компаниите од металната индустрија, односно поранешна „Железарница“, сегашниот гигант „Макстил“, Металски завод „Тито“, „Раде Кончар“.

  • Енергетскиот сектор и металната и рударската индустрија се голем сектор во нашата држава, тука спаѓаат, може ќе изоставам некој, тука се поранешна Железарница, сега Топла валалница – Макстил, тие се голем потрошувач на електрична енергија, потоа Ладна валалница – Либерти стил, рудникот Саса, но во разговор со менаџментот тие кажаа дека имаат обезбедено струја и за наредната година по некоја прифатлива цена, тука се исто така и помалите индустриски капацитети Вабтек Металски завод Тито, Раде Кончар, сите тие компании, гиганти, неопходна им е енергијата за да може да работат. Ако прашувате за точен број на работници колку се загрозени, доколку би се десило она што не би посакувале да се деси, мислам дека е бројка на 7000 до 9000 работници директно инволвирани на тие работни места, вели Игор Герасов, од Синдикатот на рударство и металургија при Сојузот на синдикати на Македонија.

Дел од мерките ќе стапат на сила со одлука на Влада, но за дел од нив ќе треба да се преточат во законско решение кое се очекува идната недела да влезе во Собранието.

Инаку, стопанството веќе алармираше дека иако добар дел од компаниите се во опасност, сепак Владата нема да дозволи отпуштања на 350.000 работници. Од најголемата Стопанска комора рекоа дека без реални мерки – Македонија ќе остане без половина од вработените.

Борис Грујоски

Advertisements

Поврзани вести