Предупредување на ризик за време на обложување пред изборите за ЕП

Hemicycle of the European Parliament in Brussels, Belgium.

Европската асоцијација за игри на среќа и обложување (ЕГБА) предупреди на ризици за безбедноста на обложувачите за време на онлајн обложување на резултатите од претстојните избори за Европскиот парламент, што ќе се одржат од 23 до 26 мај.

Тоа здружение наведува дека игрите на среќа се регулирани на национално ниво, поради што постојат „значителни разлики” во квалитетот на регулативата помеѓу земјите-членки на ЕУ.

Според ЕГБА, тоа значи дека нивото на заштита на потрошувачите кои се обложуваат во голема мера зависи од тоа каде живеат во Европската унија.

„Сепак, ова е проблематично во онлајн-светот кој не познава граници, каде што е лесно да се обложуваат преку сајтови регистрирани во други земји, кои можат да имаат полоши прописи и заштита на потрошувачите”, вели ЕГБА. Таа асоцијација се состои од седум водечки европски букмејкери и три национални здруженија на компании што обезбедуваат таков вид услуга.

ЕГБА вели дека се залага за поголема усогласеност на правилата на ЕУ и подобра соработка помеѓу нејзините членки, со цел да се обезбеди „постојано високо ниво на заштита на потрошувачите за сите Европејци”.

Според податоците на тоа здружение, околу 20 отсто од обложувањата во Европската унија се одвиваат преку Интернет.