Предупредувачки протест на вработените во Царина, бараат исплата на додаток на плата од 30% и нов колективен договор

Вработените во Царина го кренаа гласот. Тие излегоа на предупредувачки протест во знак на револт, зашто власта не сака да ги чуе нивните барања. Бараат исплата на додаток на плата од 30% и нов колективен договор кои ќе ги гарантира нивните права. Доколку не наидат на слух од надлежните институции се заканија дека ќе ги радикализираат протестите, а една од опциите е затворање на граничните премини.

Трпе Деаноски, претседател на Синдикатот на УПОЗ, порача дека вработените кои протестираат го полнат државниот Буџет секоја година повеќе од 51 процент, носат оружја, вршат претреси, изложени се на висок ризик и не бараат ништо повеќе од тоа да се почитува законот и колективниот договор.

  • Протестот се одржа за време на паузата, и не го нарушува работниот процес, но не ја исклучуваме можноста за генерален штрајк на ниво на синдикат. Очекуваме добар прием од новиот директор и решавање на проблемот, потсетувајќи дека кога бил градоначалник, со него бил склучен многу добар Колективен договор за вработените во Општина Карпош, рече Деаноски.

Пред Царинската зграда дојде и новоназначениот директор Стефан Богоев. Тој им се обрати на присутните, но не им вети ништо, зашто како што рече, на функција бил само 24 часа.

Новиот директор на Царинска управа, ги покани на средба вработените кои пред зградата на управата одржаа предупредувачки протест, барајќи 30 отсто повисока плата.

  • Со службите на Царинска управа, ќе разговараме што досега е направено, бидејќи и досега се направени работи во поглед на работничките права и условите за работа. Во координација со Управата за јавни приходи, која има сличен проблем, ќе разговараме со Министерството за финансии, изјави Богоев и додаде дека во ниту еден случај не треба да дојде до затворање на границите.

Богоев се надева дека нема да дојде до блокада на граничните премини, за кои вработените во Царината спремни се да го сторат тоа ако не им се исполнат барањата.

Покрај вработените во Царина, протестираат и вработените од УЈП. Шалтерите ќе бидат затворени секој ден по два часа, од 10 до 12. Како што најавија синдикалците, веќе се влезени во постапка за организирање на генерален штрајк. Велат дека револтот на вработените бил се поголем, зашто тие го бараат само она што законски им следува.

И вработените во УЈП, но и нивните колеги од Царина побараа средба со министерот за финансии Фатмир Бесими, но тој, како по обичај, не најде време да ги прими.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста