Предреферендумски се полни државниот апарат

Преку 10 државни институции вработуваат кадри точно овој месец, во периодот откако е распишан референдумот. Во време кога на власта тешко и оди битката за убедување на граѓаните да излезат и гласаат – масовно се вработуваат советници, соработници, раководители за солидни плати. На листата вработувачи се Државниот архив, Министерствата за одбрана и образование, општина Центар.

Последната, на пример, вработува 24 луѓе. Зошто токму сега општината оценила дека и треба, меѓу другите, и соработник за подготовка на седниците кој ќе зема плата близу 23 илјади денари. И не само тоа. Центар, баш сега, треба да прими соработници за архивско и канцелариско работење, советник за планирање на локалниот економски развој и поддршка на малите и средни претпријатија.

На листата институции предреферендумски вработувачи е и Државниот архив. Таму, според огласот, сега има потреба од „советник за оценување и стручно усовршување“, но и таков „за средување и обработка на архивски материјал“.
Централниот регистар пак, вработува книжевници и географи, а платите стигнуваат и над 53 илјади денари.

„Работниот однос се заснова на полно работно време“ се наведува во огласот. Се бара еден кандидат со диплома по книжевност кој би работел како стручен соработник односно коресподент, еден со завршени географија или образование кој би бил ангажиран како советник за дистрибуција на податоци, еден со одбрана а може и право или економија кој би бил поставен како стручен работник во канцеларијата во Гостивар.

Има позиции и за среднисти – со гимназија или стручно училиште за кои се нуди плата и над 32 илјади денари. Нејасно е зошто на Централниот регистар кој инаку ги обединува податоците за сите компании и организации би му требале географ, книжевник и експерт за одбрана и тоа на стручни и конкретни позиции за кои не се квалификувани.
Деновиве социјалните мрежи вријат од бројки и критики за масовните вработувања..Особено по скандалот во МЕПСО каде е вработена наводно фризерката на Кирацовски и тоа за плата од 44 илјади денари. Но по нападот од јавноста МЕПСО објаснуваше дека е вистина оти е вработена, ама како хигиеничарка, а платата и била околу 19 илјади денари.
И не само заради референдумските вработувања, јавноста се отвора и за притисоците врз административците.

Во нашата редакција минатата недела се јави вработен во државна институција кој бил казнуван неколку пати, но немал каде да ја обжали одлуката бидејќи второстепената комисија не функционира. Побара да остане анонимен.
По оваа приказна во Алфа документи достави и друг. Во министерството во кое работи му го одзеле компјутерот па дури и бирото и столчето и два пати го казниле со намалување на платата.

Веќе долго време не добива задачи од својот раководител. На два пати му била намалена платата за по 20% бидејќи не се отчукал при излегување, а во списокот за редовност кој го достави до нас се гледа дека повеќемина го немаат евидентирано работното време, но тие според него минувале неказнети.

Искра Коровешовска