Предреферендумски економијата „процвета“ – со НАТО и ЕУ ќе ни тргне уште подобро, тврди Заев

Прогресивниот данок ќе почека, референдумската кампања ја одложи и летната дебата, но и неговото воведување, кое Владата го најавуваше за од 1 јануари следната година. Причината е да му се даде на значење кога нема да има поважни работи, изјави премиерот Заев, кој предреферендумски се пофали моменталниот економски успех.

– Даночната реформа реално ја одложивме. Ќе беше скриена, недоволно транспаретна, во момент кога дебатата за референдумот е толку силно отворена. Плановите беа да ја отвориме на почетокот на летото, да се дебатира во текот на летото, во септември да ги носиме одлуките, но се случи Договорот со Грција, со што се јави потребата да донесеме одлука за одложување на дебатата, затоа што малку граѓани и деловни луѓе ќе слушнеа за потребата за ваквата даночна реформа, изјави премиерот Заев.

Ова беше едно од клучните предизборни ветувања на Владата, а значи повисока стапка на данокот на доход за луѓето со највисоки приходи.

Според премиерот, иако најавен, ребаланс на буџетот најверојатно нема да има, дефинитивна одлука ќе се донесе паралелно со референдумската кампања. По катастрофално лошите показатели за реализација на капиталните инвестиции, тој очекува дека работите допрва ќе се мрднат од мртва точка, проблемот го лоцира во недостаток на проекти.

И министерот за финансии се пофали со ликвидноста во државната каса, и уверува дека со ЕУ и НАТО ќе биде уште подобра.

Владата е оптимист дека за подобрување на економската состојба ќе придонесе и германскиот советник, кој го најави канцелатката Меркел, со чија помош ќе има инвестиции и повеќе работни места.

За изненудавање, предреферендумски, државниот завод за статистика објави дека економијата во вториот квартал нагло пораснала за 3.1 проценти. Според статистика, економскиот раст најмногу го билдаат сектори како „Уметност, забава и рекреација“ и „Дејности на домаќинствата како работодавачи“ кои бележат раст од скоро 14%. И покрај стагнацијата во првиот квартал, Владата останува на проекциите за раст на економијата од 3.2% годинава.

Сања Трајковска Ставров