Буџетот во 2023 година ќе тежи 5,3 милијарди евра, приближно 600 милиони повеќе од сега. Со него треба да се платат плати, пензии, социјални трансфери, да се градат капитални објекти и да се вратат стари долгови.

Рекордни 5,3 милијарди евра, тежи предлог – буџетот за следната 2023 година, кој ќе урне повеќе негативни рекорди. Дефицитот, односно задолжувањето е планирано да се искачи на речиси 700 милиони евра. Државата планира да собере историски најмногу пари од граѓаните и стопанството и да позајми историски најмногу пари на домашниот и на странскиот пазар.

Министерот за финансии кој го презентираше предлог – буџетот за догодина, тврди дека целта е да се одржи економскиот раст, да се извршат обврските на државата и да се поддржат реформите и евроинтегративните процеси.

  • Во услови на криза на глобално ниво, подготовката на буџетот останува предизвик за секоја држава. На глобално ниво економијата ќе има забавен раст, а истото се однесува и за растот на економијата на Европската унија која се очекува да биде 3,2 проценти оваа година, а следната 0,7 проценти. Тоа се одразува и на динамиката на раст на нашата економија, рече Бесими.

Од Владата тврдат дека е предвидено рекордно ниво на капитални инвестиции, од 795 милиони евра или 52% повеќе од годинава. Сепак, нивната реализација минативе години секогаш катастрофално потфрла и е многу помала од првично планирано.

  • Расходите за исплата на плати се проектирани согласно постојните законски решенија и изнесуваат 34,9 милијарди денари. Во текот на 2023 година се продолжува со определбата за оптимизација на вработените во јавниот сектор, а притоа да се примени и новата методолигија за плати во јавниот сектор, рече Бесими.

Владата овие пресметки ги темели на проекции за раст на македонската економија од 2,9% во 2023-та и дури 4,6% во следните години и сето ова во време кога Светската Банка предупредува дека земјава е на работ на рецесија. Владата најави дека вака скроениот предлог – буџетот ќе го достави до Собранието.

Борис Грујоски

Advertisements