Предлог-буџет за 2019: Весела математика за јавниот долг

Презентацијата на предлог-буџетот за догодина се претвори во весела математика за јавниот долг. Откако првично рече дека јавниот долг ќе се зголеми за 300 милиони евра, сумата што премиерот на крај ја пресмета стигна до 600 милиони евра, износ за кој известуваа медиумите во претходните неколку дена.

„6% од БДП е 600 милиони евра. Овде имаме (дефицит) 2.5% или 300 милиони евра, 17.7 милијарди денари. Кога ќе ги додадете близу 200 милиони евра од новиот договор со Ексим банката на Јавното претпријатие за државни патишта, значи 500 милиони евра. Веројатно за дел, ќе легнат. Самите договори ќе се потпишат за регионалните и магистралните патишта што се прават. Планирано е почнувањето на Скопје – Блаце. Со кредит ќе биде исто така и тоа регулирано и ќе стигнат не повеќе од 54.5% колку што е тука соопштено, значи не повеќе од 600 милиони евра“ – рече Заев.

Откако неодамна министерот Тевдовски соопшти дека јавниот долг енормно ќе се зголеми од 48% на 54 отсто за само една година, сега се потруди да ја ублажи паниката во јавноста. Вели тоа бил максимумот, кој можел и да не се достигне во 2019-та.

„Ќе зависи од тоа со колкав интензитет ќе бидат капиталните инвестиции во Јавното претпријатие за државни патишта. Значи ќе зависи колку тие ќе работат за да влечат кредити и да исплатат. Во нашата проекција, значи тоа е главно, ние одиме со максимален износ“ – вели Тевдовски.

По бурните реакции на синдикатите кои побараа поголемо зголемување на платите од најавеното на административците, културните работници, наставниците, вработените во полицијата, се чини единствени кои се изборија за пораст на платите од јануари наместо од септември се медицинските сестри и техничари. Владата попушти откако тие се заканија со протести. За покачување на примањата за другите категории работници, немало место во буџетот за следната година – вели премиерот.

Владата догодина треба да врати стари долгови во висина од 268 милиони евра, а планира дополнително да се задолжи на домашниот и странскиот пазар за 556 милиони евра. Само за камати ќе треба да одвои скоро 150 милиони евра или 18% повеќе од годинава. Кај приходите, од даноци ќе се соберат за 6.4%, а од придонесите за 11 отсто повеќе пари. Од буџетот за стоки и услуги ќе се потрошат 11 и пол отсто повеќе средства, за социјални трансфери за 7% повеќе, а за капитални инвестиции ќе се одвојат над 400 милиони евра. Меѓу нив, Владата планира да продолжи да го гради гасоводот низ Водно, ќе бара нови локации за клиничкиот центар во Скопје и ќе го интензивира проектот пруга кон Бугарија.

Тања Попова