Предлог – буџетот за 2019 година се уште не е објавен

Денеска истекува законскиот рок до кој целосниот текст на предлог буџетот за догодина треба да се достави до законодавниот дом. Владата вчера ја усвои финалната верзија на документот, која се разликува од првично планираното. По бурните реакции во јавноста, некои министри побарале повеќе пари, но освен за борба притив загадувањето, засега нема детали дали и за нешто друго попуштила Владата. Најреволтирани се синдикатите. И покрај најавите за зголемување на платите, премиерот ги предупреди дека пораст ќе има само ако Европа и даде зелено светло на администрацијата во следниот извештај. Синдикатите бараат поголем раст на платите. Велат дури 70% од службениците земаат помалку пари од просекот во државава.

Бизнисот пак остро реагираше на прогресивното одданочување, зголемувањето на придонесите, 50%-ниот пораст на данокот за капитални добивки, кирии, добивки од игри на среќа и слично. Категорично тврдат дека по долга политичка криза, сега не е време да се удри врз стопанството. Бараат даночната реформата да се одложи за 5 години.

Стопанствениците се децидни дека следната година, Владата треба да се потруди целосно да ги реализира капиталните инвестиции во вредност од 418 милиони евра, а не да ги крати со ребаланс за да пумпа пари во пензискиот фонд. Поради бројните промени кај приходната и расходната страна и бурните реакции на јавноста, се очекува жестока дебата за буџетот во Собранието во наредните неколку недели.

Тања Попова