Преговорите за СЈО заглавени, Заев сепак оптимист

Нема нов датум за преговори, ама власта верува во компромис со опозицијата за законот за јавно обвинителство. Роковите се кратки, но премиерот Заев очекува неделава да бидат испеглани разликите со ВМРО-ДПМНЕ и до добивањето на извештајот за се изгласа и законот кој треба да го регулира и статусот на СЈО. За него било најважно да не оставиме дамка пред европските челници. Дека нема датум за повторно седнување на преговарачката маса потврди и министерката за правда Десковска.

Опозицијата пак е расположена да даде свој придонес но само ако се следат насоките за владеење на правото, вели пратеникот Антонио Милошоски. За нив нема да биде изненадување како и досега власта на мускули да си го изгласа и овој закон, но дециден е дека и тоа може да се поправи.

Статусот на СЈО е главниот камен на сопнување меѓу преговарачките тимови на власта и опозицијата…Главните забелешки од кои не отстапува ВМРО-ДПМНЕ е СЈО да стане дел од Јавното обвинителство. Јавниот обвинител да се бира по предлог на ВМРО-ДПМНЕ и да не важат бомбите.

И од независната група на ВМРО-ДПМНЕ веруваат во политичкиот дијалог, но за нивните забелешки за законското решение ќе чекаат покана од министерство за правда.

Партиите од албанската опозиција веќе најавуваат дека ќе условуваат за нивната поддршка за овој закон, во замена за ослободување на осудениот за настаните од 27 април, Абдулфета Алими, ама премиерот негира.

Ивана Соколовиќ Најдова