Превозниците протестираа, Битола остана без јавен превоз

Паркирани автобуси на градските превозници пред општинската зграда, доцнење на вработени до работните места, голем број на ученици од градот и селата што не можеа да отидат на настава. Ова беше денеска сликата на целосен рашомон на Битола, која остана без јавен превоз.

Протестот на превозниците е поради незадоволството што општинарите сакаа на денешната седница на Советот да протуркаат поефтин тарифник, без претходно да ги консултираат, со т.н. изедначување на линискиот и ученичкиот превоз, со за нив економска неисплатливост.

– Никој не не удостои да не викни досега од Општината Битола да ни каже како ќе го гласаат тој тарифник по кој се сборува дека цените ќе бидат драстично намалени – рече Пеце Стојчевски од “Лукатурс“.
– Селските линии беа оформени за да им изелеземе во пресрет на учениците заради бесплатниот превоз и таа сообраќавме заради нивните потреби и ни еден патник не влегува. Со овие цени не можеме да бидеме рентавилни – рече Лидија Мицевска од “Хера Турс“.

Претходниов викенд, иако имале телефонски закани, притисоци и уцени, како што велат, тие сепак го одржаа протестот. Меѓутоа, кога општинарите видоа дека градот останува без јавен превоз, на денешната седница ги повлекоа точките од деневн ред со новиот тарифник и заради купување на време, сега најавуваат преговори со превозниците.

– Да се најде решение во кое цените ќе бидат разумни. Даваме можност, даваме период во кој ќе се постигне договор и тоа е она што сакаме да го постигнеме, договор во кој корист ќе имаат сите – рече претседавачот на Советот Валентин Груевски.

Меѓутоа, кон претставниците на локалната власт сериозни критики упати опозицијата.
– Денес гледаме дека Општината Битола се соочува со целосен колапс на линискиот и ученичкиот превоз. Ние како опозиција навемено укажувавме дека ненавремено се распишуваат постапките за бесплатниот училишен превоз и начинот на кој се креираат, дека нема да доведе до решение на проблемот – рече Иванчо Тошевски, координатор на советничката група на ВМРО ДПМНЕ.

Превозниците велат дека власта успеа да врбува два превозника кои покрија само две од вкупно шеснаесет линии, кои возеа на црно.
– Општината си најде друга алтернатива, на црно да пушти автобуси од приватната фирма “Миг Травел“ на две линии без никакви лиценци и без никакви договори да вршат линиски превоз – рече Александар Стојчевски од “Лука Транс“.

Превозниците од утре ќе продолжат да возат и ќе преговараат за цените, а проблемите со училишниот превоз остануваат исти. Денеска предлогот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ за рефундирање на средства за покривиње трошоците на учениците на кои не им е обезбеден превоз, по трет пат беше одбиен како точка на дневен ред.

Петар Стефановски