Превозниците ги паркираа автобусите долж Илинденска, од понеделник радикализација на протестите

Приватните автобуски превозници утрово ги паркираа своите автобуси на Илинденска во знак на револт поради ненавремената исплата на долгот кој кон нив го има ЈСП „Скопје“ односно Град Скопје.

Возачите пак на автобусите во огромен број, од утринава чекаат пред Град Скопје, за да бидат примени од страна на градоначалничката Данела Арсовска за како што велат на мирен и културен начин да најдат заедничко решение околу настанатата состојба во јавниот градски превоз, која на штета на граѓаните, трае предолго.

  • Недозволиво е првиот човек на Град Скопје да дозволи овие превозни капацитети да бидат паркирани овде, а патниците да не можат да се превезат од точка А до точка Б во Скопје. Недозволиво е, вели Ќемал Муриќ од „Слобода превоз“.

Превозниците велат дека нема да се откажат од намерата да разговараат со градоначалничката и дека ќе ги искористат сите механизми за да ги добијат парите кои во моментов им ги должат надлежните.

  • Најкултурно и најцивилизирано бараме прием кај градоначалничката. Бараме да се сретне директно со нас, да се погледнеме во очи. Освен ако не се смета градоначалничката за личност од прв ред или пак некако привилегирана, не знам по која основа. Значи како да речеме наш директен претпоставен, Градот Скопје преку ЈСП „Скопје“, таа треба да седне со нас. Исто така, денеска баравме пак, да не прими и сите мирно еве чекаме пред влезот на Град Скопје, вели Муриќ кој уште еднаш им се извини на граѓаните за сообраќајниот метеж кој се создава во градот поради нивните протести.

Кога станува збор пак за одлуката на Град Скопје и официјално да го раскине договорот со „Слобода превоз“, возачите велат дека воопшто не се изненадени од ваквата одлука.

  • Воопшто не сме изненадени од постапката на градоначалничката со оглед на сите постапи и превземени дејствија од нејзина страна во последно време и ова не не изненадува. Факт е дека одлуката е донесена без никакво предупредување, без било каква писмена кореспонденција. Станува збор за еднострано прекинување на договорот поради што ќе следи правна разврска, вели Муриќ.

Според најавите, доколку денеска не се најде решение за проблемот, во доцните попладневни часово, приватните превозници ќе ги тргнат автобусите од Илинденска а веќе од понеделник ќе го радикализираат протестот. Според последните информации, превозниците ќе ги блокираат крстосниците на Илинденска, кај ТЦ „Мавровка“ како и крстосницата кај Црвен крст.

Advertisements