Превентивните мерки не го намалија загадувањето

И покрај активирањето на итните мерки од страна на локалните и извршните власти, сепак загадувањето се уште бележи бројки и до пет пати над дозволеното. Скопјани се жалат дека воздухот е загаден, ПМ честичките лошо влијаат врз нивното здравје, а властите не мрдаат со прст за да го решат проблемот. Разочарани, реагираат дека и оваа како и минатата година владата ветувала некакви планови за борба против загадувањето, но резултати нема.

Енормното загадување во последниве денови ги принуди и надлежните институции да преземат итни мерки. Бесплатен автобуски превоз, запирање на градежните работи под надлежност на Град Скопје и двојно поскапен паркинг, се дел од мерките кои ги објави Град Скопје, а стапија во сила вчера. Покрај овие мерки одложен е и почетокот на второто полугодие за учениците, па наместо денеска, учениците е предвидено да започнат со настава во среда. Заменик-министерот за образование Петар Атанасов рече дека деновиве ќе информираат дали учениците ќе ги одработуваат деновите од продолжениот зимски распуст бидејќи училиштата се вон функција. Претходната министерка за образование и наука Рената Дескоска презентирајќи ги измените и дополнувањата на Законот за основно образование рече дека нема веќе да се учи во сабота.

Граѓанскиот сектор со години бара што побрзо да се активираат среднорочни и долгорочни мерки. За нив мерките на властите се козметички и популистички. Негодуваат бидејќи нема многу мерни станици, но и затоа што голем дел од нив не се во функција. Бараат поголеми субвенции за промена на начинот на греење кај домаќинствата, а не буџет за помош на само 1100 домаќинства во Скопје, Тетово и Битола. Бараат посовесно урбанистичко планирање, особено на повисоките градби што го спречуваат струењето на воздухот. Сметаат дека буџетот за борба со загадувањето на сите нивоа мора да се прошири, а дополнителните 1.6 милиони евра кои под притисок на граѓанскиот сектор едвај се предвидеа во годинешниов буџет се премалку.

Мери Ѓорѓиевска