Пребрзото возење речиси секојдневно одзема животи на македонските патишта

Брзи и бесни. 476 возачи низ Македонија возеле над дозволеното,а ги открила полицијата во само едно деноноќие. Но колкумина од оние кои секојдневно учествуваат во сообраќајот возат со неприлагодена брзина?
Од она што го забележавме на автопатот Скопје-Тетово и обиколницата околу главниот град е дека се вози пребрзо и ризично.
Во само еден ден, на овој автопат полицијата казнила 94 возачи, двајца од нив се движеле со 214 и 227 километри на час.
Во Скопје пак, како и на секој јавен пат во населено место, максималната дозволена брзина на движење е 50 km/h,освен ако не е поинаку означено. Но и тука се вози над дозволеното, а вработените во Брзата помош се со полни раце работа.
-Да напоменам дека во периодов имаме зголемен број на сообраќајни несреќи, најчесто поради неприлагодена брзина на патиштата. А типовите на повреди можат да бидат од лесни па до многу тешки политрауми за кои треба брза интензивна рекација. Од полесните, интервенираме и кај акутни стрес реакции… Во периодов имаме сообраќајки со мотоциклисти некои носат, но некои и не носат кацига. Со тоа што да апелраме дека заштитната кацига е задолжителна според законот и потребите, објаснува Д-р Елена Карева Пиловска.
Само во периодот јануари- мај годинава, животот го загубиле 44 лица, а минатата недела дури 5 од кои едно дете. Лани во сообраќајни несреќи починале 124 лица.
Во 2022 година имало 7.806 сообраќајни незгоди, од кои најголем број на подрачјата на СВР Скопје 3.119 и СВР Тетово 1. 117. Според местото на случување, 5.255 се на улиците во населените места, а останатите на регионалните патишта 975, на автопатиштата 616, на локалните патишта 391 незгода, велат од Министерството за внатрешни раоти.
Времето на реакција кај нормален човек е од половина до 1 секунда. Таа секунда е наречена секунда на стравот. Ако човек вози со брзина од 80 км на час и удира пешак, за таа 1 секунда може да помине дури 22 м додека го удира пешакот.
Ако наместо дозволените 100 километри на час возиш со брзина од 140 километри на час, за растојание од 80 километри во време ќе добиеш помалку од 9 минути. Вреди ли да ризикуваш за толку малку време?
Анастасија Илиеска