Прво задолжување, откако Заев раководи и со министерството за финансии

И по Тевдовски нови задолжувања. Со премиерот Заев кој привремено ја извршува функцијата министер за финансии, Владата продолжува да се задолжува на домашниот пазар. Денеска беа понудени 15 милиони евра на долг период. Се работи за 30-годишни државни обврзници со каматна стапка од 4.3%. Со денешното и задолжувањето од пред две недели од 10 милиони евра, вкупното задолжување во јули изнесува 25 милиони евра. Од друга страна, сумата што треба да се врати во стопанството е многу помала или 10 милиони евра.

Јавниот долг на крајот на првиот квартал изнесуваше 46.1% или 5.24 милијарди евра, а државниот долг 38.2 отсто или 4.34 милијарди евра.

Во послените извештаи, Европската Комисија и Светска банка критикуваа дека на Владата и треба поамбизиозна фискална консолидација, државата да внимава како ги троши јавните пари и да ги реализира капиталните инвестиции.

На крајот на мај, беше усвоена и нова фискална стратегија. Со неа, беше предвидено, јавниот долг да достигне 51,7% од БДП до крајот на годинава. Догодина тој ќе изнесува 52,3% од БДП, а потоа би требало да се намали на 50,8% од БДП во 2021 година, односно на 49,1% од БДП во 2022 година.

Јавноста најмногу критикуваше дека додека власта се задолжува дома и надвор, слабо се градат патишта, железница, училишта, болници. По катастрофалната реализација на капиталните инвестиции лани од 65%, истиот тренд продолжува и годинава. За 5 месеци, Владата потроши едвај 14% од планираното за цела година.

Тања Попова