Првомајските и велигденските празници го наполнија Охрид

Туристите ја вдишуваат убавината на големото плаветнило, крстарејќи по езерската шир со охридската бела флота и бројните пловила. Меѓу нив е и 9 годишниот Матеј-ова темпераментно и вредно момче ги собра симпатиите на бројните гости на ривиерата.

-Јас сум се уште мал, но кога ќе наполнам 15 години, со паричките кои ги собирам сега, помагајќи му на мојот чичко, еден ден ќе си купам пловило – ни рече ова зборлесто и весело момче кое ни кажа како провомајски ги поминуваат миговите вљубениците во Охрид.

Македонскиот бисер Охрид кој се вброи меѓу 30-те најубави мали градови во Европа, никого не остава рамнодушен. Широка насмевка ги краси лицата на странските туристи, чиј пат ги навел во Охрид.

Празникот го раздвижи нашиот најголем туристички центар, донесувајќи гости од целиот свет. Туристичките работници се повеќе од задоволни, веруваат дека деновиве се само најава за долго и бериќетно лето.

Да ја сочуваме оваа божја убавина која никого не остава рамнодушен – порачуваат туристичките водичи. Туристичките работници и угостители се стремат и понудата да ја подигнат на повисоко ниво – ако оставиме добар впечаток, велат, ќе привлечеме што повеќе гости кои повторно ќе се вратат во нашиот град.

Росица Голабоска