„Први на први“ – 60 планинари се искачија на Пелистер

Над 60 вљубеници во планината од 10 градови,  годинава ја доживејаа магијата на првото изгрејсонце на  Пелистер. По 12 пат, во организација на  Олумпус Монс од Битола, се реализираше  турата со симболично име „Први на први“ за ноќно искачување на највисокиот врв на Баба Планина, со цел првото изгрејсонце во Новата година да се дочека на 2601 метар надморска височина. Искачувањето го започнаа   неколку минути после полноќ, со што оваа е првиот спортски настан во Новата Година. 

-Искачувањето го започнавме од Инфоцентарот на НП Пелистер на  1350 мнв, се движевме по патека долга 14 км, во правец на Цапарска пресека, Ловечка куќа,  се до врвот Пелистер каде  пристигнавме околу 5,30. „Први на први“  е прв спортски настан на Балканот, можеби и поширок, и полека но успешно прераснува во еден препознатлив битолски бренд.  Целта на овој настан е да ги промовираме  убавините и потенцијалот на НП Пелистер кој го има и нуди во насока на идниот економски развој на поширокиот регион. Исто така, со овој настан сакаме да ja поттикнеме љубовта кон планината и  планинарењето, вели Иванло Тошевски, претседател на Олимпус Монс и еден од организаторите на настанот.

Секоја година магијата на првото изгрејсонце на Пелистер е уникатна, велат организаторите, а годинава беше надополнета со огномет. Настанот е проследен со интересни случки кои долго се паметат, па имало запросување, почеток на нови врски, нови пријателства.

Настанот „Први на први“ е во рамките на новогодишната програма на Општина Битола, „Зимска приказна“

Advertisements