Првите луѓе на Судскиот и Советот на ЈО само кај себе не гледаат вина за состојбите во правосудството
Судиите и обвинителите кои не веруваат во Судскиот и во Советот на јавни обвинители, треба токму таму да пријават доколку некој врз нив врши влијание. Оваа порака ја испратија претседателите на највисоките тела во праводуството. Наместо интегритетот на Судскиот совет, Сашко Георгиев го доведе во прашање интегритетот на судиите. Да не се криеле зад анонимната анкета на ОБСЕ и Антикорупциска, туку да соберат храбост да го пријават тоа ако треба и во Обивнителството.
- „Се доведува во прашање интегритетот на судиите. Тие анонимно пријавуваат аномалии, а од друга страна да не ги истакнат ваквите аномалии, сами на себе си препишуваат дека немаат доволно храброст. Нека пријават со име и презиме, а не вака, анонимно.. Треба точно да се знае. Можат да пријават во Обвинителство, во други надлежни институции. Во секој случај нека пријават, па да видиме како ќе постапиме. Ако не постапиме, тогаш одговорноста е на Судскиот совет, немам дилема, посочи претседателот на Судски совет.
На идентичен начин одговори и претседателот на Советот на јавни обвинители, Антонио Јолевски. Според него анкетата требало да се спроведе кај сите обвинители бидејќи така ќе било порелевантно.
- „Прашањето е дали резултатите би биле исти доколку се спроведе кај сите обвинители. По половина не можеме да знаеме дали е само тој дел незадоволните. Вистинската слика е кога ќе ги имаме одговорите од сите обвинители. Загрижувачки е не би сакал да вртам лево или десно, ама не е во ред половина од анкетираните да не ни веруваат“ вели Јолевски, претседател на Совет на ЈО.
И додека советите сакаат да лоцираат вина, ама таа да не биде кај нив, анкетата на ОБСЕ И Антикорупциската комисија покажа дека ниту судиите ниту обвинители им веруваат на највикоте органи во правосудството. Над 70 отсто од анкетираните не се согласуваат дека Судскиот совет е заштитник на независноста на судството.
Од друга страна, дека Советот на ЈО, ја гарантира независноста и непристрасноста не мислат дури 58 отстро од анкетираните обвинители, 56% не веруваат дека членовите независно ги носат одлуките, а точно половина не гледаат дека Советот ја штити самостојноста на обвинителите.
Викторија Миткова