Првиот човек на македонската дипломатија не ги објавува со име и презиме 69-те луѓе од дијаспората на кои тој лично ќе им додели М-карта

Првиот човек на македонската дипломатија не ги објавува со име и презиме 69 те луѓе од дијаспората на кои тој лично ќе им додели М карта што ќе значи полесен и забрзан влез во Македонија.  Проект што наиде на голем број критики во јавноста. За Бујар Османи ова не било привилегија во дипломатијата туку симболичен гест бидејќи ваква карта ќе добијат научници, лекари, бизнисмени, културни работници, луѓе кои во своите професии се истакнати во дијаспората, а со цел да придонесат и со нивното знаење да помогнат во македонското општество. Тој најави дека со тие луѓе ќе се состанувал еднаш годишно и ќе ги вклучел во различни работни групи, но кои ќе бидат тие луѓе, од која држава и по кои критериуми ќе бидат одбрани, не открива детали.

Како министер многу ми е важна дијаспората. Прво направивме базни станици за сликање за пасоши, во амбасади итн. Не чекаат за пасоши со месеци. Втор проект ми беше важен, како нашите најдобри, најважни во дијаспората, добри исклучителни луѓе, кои можат да бидат во функција на нашиот развој. Мене ми е многу важно да биде вклучен во нашите работни групи, , сакам да направам мрежа на тие луѓе. Да се состануваме еднаш годишно на состаноци, на семинари, ќе ги вклучиме во нашите работни групи. Нашите амбасади ги идентификуваат и ги вклучуваат. Таа М карта ќе биде доказ дека се вклучени. Симболични мерки повеќе како почит кон нив, отколку дека нив многу им значи – вели Османи.

Одлуката кој ќе добие ваква карта ќе ја носи министерот Османи, на предлог на шеф од дипломатско конзуларното претставништо во таа земја од каде доаѓа иселеникот или друг државен орган. Претходно од МНР објавија дека Проектот М КАРТА ќе биде мрежа на наши квалитетни поединци во дијаспората, кои со својата стручност и нагласен ангажман се истакнуваат во странство, што ги чини вистински амбасадори кои на најдобар можен начин ја претставуваат Македонија.

69-те истакнати Македонци од дијаспората на кои од почетокот на 2023 им е обезбеден забрзан влез во земјава ќе имаат и бесплатен влез во културни институции. Според надлежните овој проект бил симболично признание за нивниот труд и квалитет и благодарност на  институциите и државата. Познавачите веќе реагираа дека Османи треба да ја преиспита одлуката за ваквиот проект бидејќи М-картата не е привилегија туку понижување на се она што го направиле досега. Според нив, иселениците од дијаспората кои што придонеле за Македонија би требало да се наградат со орден, плакета или друг тип на признание, а не со привилегиран влез во државата.

Адријана Алексиеска

Advertisements