Првиот концерт на Филхармонијата на 26 септември, сезоната во знак на Бетовен

„Моја бесмртна љубов“ е насловена концертната сезона 2019-2020 на Филхармонијата, во која ќе одбележи 75 години постоење. Слоганот е инспириран од писмата на Лудвиг ван Бетовен до неговата мистеризона бесмртна љубов, а е избран затоа што во 2020 се слават 250 години од раѓањето на големиот германски композитор и неговиот опус ќе биде дел од програмата на нашиот симфониски оркестар.

Новата сезона ќе почне на 26 септември со музичката поема „Така зборуваше Заратустра“ од Рихард Штраус, под водство на познатиот полски диригент Антони Вит, кој своевремено му бил асистент на Херберт фон Карајан на фестивал во Салцбург. Солист на концертот ќе биде рускиот пијанист Александар Мелников, кој во Скопје гостуваше и во 2009 година. Овојпат тој ќе го изведе Клавирскиот концерт бр. 1 од Бетовен.

Директорот на Филхармонијата, Виктор Илиевски и продуцентаката Роза Нолчева на прес-конференција денеска соопштија дека ќе има жанровски разновидна програма во сезоната 2019-2020, со странски и домашни солисти и диригенти, некои кои веќе гостувале, како и имиња што првпат ќе настапат со нашиот оркестар.

– И оваа концертна сезона на публиката ќе ѝ понуди фантастичен избор на солисти и диригенти, како и софистицирана и деликатно избрана програма која ќе го презентира диверизитетот на класичната музика преку различни естетики и стилови, рече Илиевски.

На 75-тиот роденден на Филхармонијата, 21 ноември, ќе гостува кинеската пијанистка Зи Зи. Концертот ќе се совпадне со Форумот на министри за култура од Иницијативата 16+1 и се очекува на концертот да присуствуваат 16 министри за култура од Централна и Источна Европа и од Кина.

Соопштувајќи ја програмата, раководството најави концерт на францускиот контрабасист Рено Гарсија Фонс со нашиот диригент Емин Џијан на 24 октомври, оркестарска верзија на оперските дела од Вагнер на концерт во јануари, проектот за млада публика „Нијанси на црно“ на холандската пејачка Шерон Ковац со изведба на познати песни во џез-аражмани, стандардните концерти за Денот на вљубените на 14 февруари и Новогодишниот гала-концерт кој ќе биде изведен на 27 декември, јубилејни концерти за годишнините од раѓањето на македонските композитори Томислав Зографски и Гоце Коларовски…

Меѓу солистите кои ќе настапат на концертите на Филхармонија во 2019-2020 се германско-францускиот виолончелист Николас Алтштед, израелскиот виолинист Вадим Глузман, Естер Ју – американска виолинистка со корејско потекло, рускиот пијанист Дмитриј Маслеев – победник на натпреварот „Чајковски“ во 2015-та, сопранистките Маша Бругергросман и Софи Горделадзе од Романија… И во новата сезона можност за настап во Филхармонијата ќе имаат македонски музичари – виолинистот Александар Димчевски, кој е концерт-мајстор на оркестарот во Будимпешта, Фросина Богдановска – виолинистка во Радио оркестарот во Виена, како и баритонот Горан Начевски.

Продуцентката Роза Нолчева соопшти дека во претсојната сезона ќе го слушаат пулсот и на оркестарот и на публиката, за да најдат шеф-диригент кој, како што нагласи, ќе треба да го продолжи континуираниот растеж на нивната институција со квалитетна програма. Во новата сезона, рече таа, публиката ќе има можност да слуша солисти кои настапуваат со водечките оркестари во Европа и Америка.

– Не едноставно да се добијат уметници кои свират со најпознатите светски оркестри. Во нашиот напор на публиката да и претставиме програмска разновидност, мислам дека успеваме и се носиме рамо до рамо со оркестрите во регионот, но и многу пошироко. Не каскаме зад нив, така што и кај нас доаѓаат потврдени уметници, некои со задоволство ни се враќаат. Навистина е тешко секоја година да се прави исчекор во конципирањето на програмата кога стандардите се поставени високо. По гостувањето на величини во претходните сезони, како Березовски на пример, станува тешко да најдеме имиња за нашиот таргет, кои се и со висока цена и доста атрактивни за публиката, рече Нолчева.

На прес-конференцијата се обратија и концерт-мајсторите Ана Кондратенко и Владимир Костов, кои истакнаа дека очекуваат уште побројна публика и дека им е задоволство и предизвик да соработуваат со врвни уметници од светот. Кондратенко соопшти дека во новата сезона ќе бидат почести и концертите на камерните ансамбли во малата сала, не само гудачките, туку и настапите на дувачки ансамбли.

Новина е што од претстојната сезона публиката првпат ќе може да купи билет за концертите на Филхармонијата директно на нејзината веб-страница. Блок-билети за сите концерти во сезоната 2019-2020 до 15 септември ќе се продаваат промотивно по 9.000 денари, а потоа цената ќе биде 10.000 денари. Секој посетител ќе може да си избере место во салата за целата концертна сезона.