Пратениците чекаат инструкции од Влада за референдумската кампања

Пратениците денеска се вратија во собраниските клупи, ама никој не знае како ќе ја водат кампањата за референдумот која официјално треба да започне за 20-тина дена. Владејачкото мнозинство во Парламентот се уште чека инструкциите да стигнат од Илинденска бр.2 за тоа како да се делува на терен во очи претстојниот референдум, но и како ќе ги трошат народните пари за граѓанското изјаснување. Иако токму пратениците беа носители и потписници на иницијативата за референдум, сепак коалиционите партнери ќе чекаат СДСМ и Заев да ја скројат стратегијата, па потоа сами да одлучуваат. Пратениците не се на чисто ниту дали кампањата ќе биде промотивна.

Ќе ги доведе ли Владата во подредена состојба Собранието, па преку партиска кампања ќе го преземе приматот во референдумското убедување. Ниту помалите партии кои делуваат во Собранието, немаат никаква координација, збунети се и до каде се нивните надлежности околу кампањата. Сепак очекуваат на крај целиот процес да се сведе на партиска кампања.

Од владиниот кабинет молчат за вкупната сума која ќе биде потрошена за кампања, па не упатуваат да почекаме до среда кога ќе се одлучува на владина седница. Се чека и спикерот Џафери за в среда да одржи координација со партиите за улогата на Собранието во јавната пропаганда и други активности за референдумот на 30 септември.

Ивана Соколовиќ Најдова