Пратенциите расправаат за третиот анекс на Договорот за автопатот Кичево-Охрид

Собранието денеска расправа за законски измени со кои ќе се овозможи склучување трет анекс за Договорот за изградба на автопатот Кичево-Охрид заради дополнителен заем за непредвидени градежни работи од основниот проект и дополнителни градежни работи што се нужни и неопходни за целосно и квалитетно завршување на проектот.

-Предвидено е задолжување со дополнителен заем, со кој ќе се зголеми долгот кон меѓународните финансиски институции за околу 10,4 милијарди денари. Потребно е да се обезбедат и дополнителни средства за сопствено учество за реализација на проектот во износ од околу 1,16 милијарди денари во наредните три години. Предвидени се и  дополнителни трошоци за камата за повлечените средства од заемот како и трошоци за ангажирани, а неповлечени средства од заемот, во износ од околу 233 милиони денари во наредните три години, се наведува во образложението.

Како што објави претходно Владата, пропустите и грешките во проектирањето на автопатот  со договорот од претходната Влада, ќе ја чинат државата дополнителни 187 милиони евра.

За пратениците од опозицијата, како што наведоа во расправата, е спорно тоа што нема тендер за дополнителните девет клучки на автопатот и за нив со анекс на Договорот се ангажира изведувачот кинески „Синохидро“.

Димитар Стевананџија од ВМРО-ДПМНЕ рече дека со овој закон  паднале во вода изјавите на политичарите од власта дека автопатот не е законски граден, дека зад него се крие финансиски сомнеж и оти е погрешена трасата.

– Ништо не се менува само додавате уште 187 милиони евра со анекс број три со истата фирма која продолжува да ги гради автопатите. Зошто нема лицитација за избор на компанија за изградбата? Зарем со ова не се озаконува она што тврдевте дека е криминално?, праша Стевананџија.

Неговиот сопартиец Илија Димовски  рече дека постојниот проект се  оптоварува со други девет проекти за пристапни клучки на секои шест километри за кои ќе се потрошат 180 милиони евра, без да биде објавен тендер.

– Каде во светот има автопат со клучка на секои шест километри? Ќе градите и паралелен пат и на секои шест километри клучки, рече Димовски,  упатувајќи совет до ресорниот министер Горан Сугарески да не го потпишува анексот на Договорот затоа што со него проектот се оптоварувал „само за да се испумпаат пари“.

Ресорниот министер Сугарески  повтори дека оваа Влада не би потпишала ваков штетен проект, но оти морала да ја продолжи изградбата избирајќи опција за дополнителна цена на чинење  затоа што со евентуалниот прекин ќе се плаќала отштета на изведувачот, државата  ќе останела без автопат, а ќе враќала кредит за проект што ќе го нема.

– Во проектот не беа предвидени ниту клучки за да биде исправен, ниту свлечиштата, ископи во тунелот, наведе Сугарески.

Само за една ставка, како што рече, има разлика од 30 милиони евра помеѓу цената на она што го договарала претходната влада и сегашниот владин состав.

Според Сугарески, нормално е автопатот да биде поскап затоа што имало низа пропусти и неправилности, меѓу кои промашување на трасата која минувала над резервоарот на Кичево, или пак погрешната категорија на земјиштето за изградба на тунелот.

Изградбата на автопатот почна во 2014 година, и требаше да чини 411 милиони евра. Рокот за изградба е пролонгиран за три години и се очекува да биде завршен до средината на 2021 година.

Расправата во Собранието треба да продолжи во 16 часот по едночасовната редовна пауза на пратениците.