Пратенички прашања: Власта бега од одговорите кои и ги должи на опозицијата и на јавноста
Дали и кој ќе ги истражува злоупотребите кој ги направил вицепремиерот Артан Груби – главна тема на седницата за пратенички прашања. Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ бараше од републичкиот обвинител Љубомир Јовески да каже до каде е истрагата за Аудито на соседот на Груби кој тој го користел и дали има корупција. По неколку реплицирања, Ковачки не задоволен од одговорите го праша Јовески кога ќе си поднесе оставка.
- „Дали покренавте истрага за случајот на опожареното возило и побаравте целосно расветлување на случајот имајќи во предвид дека казната со која може да се соочи со казна затвор од 6 месеци па до неколку години. Второто прашање за Љубомир, еден процент доверба, Јовески е, нели ви е доста симптоматично и нејасно што лицето Б.Л. кој купи хотел на Попова Шапка за 55 илјади евра неколку месеци подоцна му дава на користење возило на Груби кое што чини 80 илјади евра?.. И едно дополнително прашање, кога ќе си поднесете оставка?“, вели Драган Ковачки.
- „Нема да поднесам оставка јас. Можам да ве известам дека тоа задоволство нема да ви го овозможам“ – му рече Јовески.
За Ковачки нејасно е и како Аудито на соседот на Груби имало полициски флешери кога се работи за приватно возило.
- „Вие како министер треба да знаете дека таква опрема има само во полициските возила и во одреден дел на други државни институции. Сакам да прашам уште колку вакви автомобили има низ Република Македонија кои што дивеат по улиците, дали истите се користат за спроведување на некои црни бизнис зделки и дали чувствувате одговорност за оваа ситуација?“, вели Драган Ковачки.
За првиот човек на МВР најголемите фраери во сообраќајот кои користат затемнети стакла и флешери се политичките функционери.
- „Сакам да потврдам дека во тоа возило кое што беше опожарено имало поставени светлосни сигнализации и тоа не е ниту прво ниту последно возило. И факт е дека најголемите мангупи во сообраќајот се токму оние носители на функции и тоа не бирајќи ни политички партии, ниту функции ниту било што друго“, вели Спасовски.
ВМРО-ДПМНЕ бара одговори и зошто досега не се поништила одлуката за спојување на концесиите на рудниците Иловица-Штука и зошто државата се става во ризик за исплата на милионски суми преку арбитражни спорови. Премиерот Ковачевски и министерот за економија Бектеши повторно вината не ја лоцираат кај себе.
Опозицијата незадоволна од собранискиот ред на седница за пратенички прашања, уште на самиот старт обвини дека власта сама си поставува прашања и си одговара, а опозициските пратеници не доаѓаат на ред.
Викторија Миткова