Пратеници на Каменос ќе гласаат за Преспанскиот Договор

Промената на името предизвика раскол во партијата на Панос Каменос. Коалиционерот во Владата на Ципрас и министер за одбрана на Грција, ја губи поддршката од своите сопартијци – тројца од нив се очекува да го поддржат Преспанскиот договор во Парламентот. На синоќешниот партиски состанок на национално ниво кој се одржа во Солун, Каменос бил лут на тројца членови – Теренс Куик ( асистент министер за надворешни работи на Грција), Елена Контура (министер за туризам) и Папахристопулос пратеник во Собранието. Медиумите пишуваат дека Каменос синоќа им порачал дека луѓето кои станале министри по негова иницијатива, немаат право да го предадат.

Денеска заменик претседателот на АНЕЛ Скуридис,  побарал од тројцата пратеници, да ја напуштат партијата ако го поддржат Ципрас во ратификацијата на Преспанскиот договор.

Во меѓувреме анализите на поголемиот дел медиуми во Грција, предвидуваат предвремени парламентарни избори во мај, но не ја исклучуваат и можноста избори во Грција да има уште во месец март, откако ќе поминат уставните измени во македонскиот парламент.

Низ новинарските кругови во Грција се повеќе се шпекулира дека Владата на Сириза стои на стаклени нозе, особено по оставката на Никос Коѕијас кој беше главен играч во спорот со името и потписник на Преспанскиот договор. Тој причината за неговата оставка ја напиша на 9 страници и му ги достави на премиерот – засега недостапни за јавноста. Синоќа на твитер напиша дека неговата оставка била чин на одговорност.

– Со лаги, клевети ја поткопуваат мојата чест, репутацијата и достоинството. Изнудувачи, корумпирани, „пиштоли на системот“ го поткопуваат достоинството и честа на оние кои се противат. Така, удираат по функционирањето на демократијата. Оставката е чин на одговорност, напиша Коѕијас.

Од опозициската Нова Демократија бараат да се објави писмото на Коѕијас и обвинуваат дека истото не се објавувало поради меѓусебни уцени на Ципрас, Коѕијас и Каменос.

Ставот на Нова Демократија е дека нема да го поддржи Преспанскиот Договор во Парламентот и бараат предвремени парламентарни избори – пред Договорот да стигне во Грчкиот парламент.