Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ бараат Собранието да формира анкетна комисија

Пратениците од ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ до денеска до Собранието доставија предлог за формирање на Анкетна комисија која ќе го испитува  целокупниот процес за референдумот што се одржа  на 30-ти септември.

Како што  најави лидерот на партијата Христијан Мицкоски, анкетната комисија освен кампањата, ќе ги провери и индициите за изборните нерегуларности на одредени избирачки места, односно информациите за фалсификување на резултатите преку полнење гласачки кутии.  Основаните сомнежи за сторен фалсификат на правото на граѓаните за гласање односно негласање мора да се расчистат. Довербата на граѓаните во институциите е сериозно нарушена и некој мора да сноси одговорност, велат од ВМРО ДПМНЕ.  Анектната комисија ќе има задача да утврди дали за време на кампањата постоело поткупување на гласачите и правење на притисоци од одредени избрани и именувани јавни функционери.Анектната комисија треба да ја разгледа и утврди политичката одговорност за резултатите од референдумот, нарушениот углед на институциите и потрошените средства од Буџетот. Целта на оваа Анкетна комисија е низ дебата да ги утврди сите аспекти од референдумското изјаснување на 30 септември 2018 година и враќање на довербата на граѓаните во институциите – велат од опозициската партија.