Пратениците завршија со одморот, но по се изгледа за џабе – Собранието повторно ќе биде нефункционално

За функционално Собрание потребен е нов пратенички состав. Поранешниот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски за Алфа коментира дека парламентот со недели и месеци не ја извршува основната функција, односно не врши никаков надзор и контрола за работата на извршната власт. Со месеци не се одржуваа седници за пратенички прашања или надзорна расправа. Во вакви услови, освен што не може да го обезбеди простото мнозинство, речиси е невозможно власта да ја има две-третинска поддршка за уставните измени. Единствениот излез од ваквата состојба во законодавниот дом, според Димовски, се нови парламентарни избори, и тоа што е можно поскоро.

Во последните денови гледаме дека многу голем дел од пратениците на владејачкото мнозинство имаат лични лукративни, тежок збор но коруптивни причини за да ја поддржуваат власта односно немаат легимитет повеќе политички да ја поддржуваат власта, поради тоа што добиваат услуги од извршната власт. Од тој аспект мислам дека сме поодамна во фаза во која што на Македонија и треба нов состав на собранието, за да може тоа собрание да функционира коментира Димовски.

Димовски очекува врз пратениците, особено тие на опозицијата, да се врши голем притисок за да гласаат „ЗА“ уставните измени,  но, не верува дека ќе успеат во тоа.

Република Македонија многу јасно виде со кои механизми работи оваа власт и како владее. Во смисла на целосна злоупотреба на јавно обвинителство и судски органи во насока на политички предмети, политички притисок врз политичките неистомисленици, притисок врз бизнисмените и.т.н и не верувам дека оваа власт има сила за таква агресија, од една страна од друга страна, верувам, дека луѓето кои се дел од обвинителството, судските органи веќе се свесни, што оваа власт прави, во каква ситуација ги доведувала или има намера да ги доведе, вели Димовски.

Од друга страна, поранешниот пратеник од редовите на Соцјал-демократите, Петар Атанасов, го дели мислењето на Димовски, дека кај власта е клучот од законодавниот дом. Случувањата во парламентот вели Атанасовски се телевизор на кој гледаме само лоша програма.

Собранието подолго време е доминирано од владејачката партија, многу ретко се слушаат индивидуални мислења, и за многу помали закончиња а камо ли за големи закони или системски закони и уставни промени. Клучот е во владата, а собранието е само телевизор на кој гледаме лоши филмови. И доаѓаме до едни вакви тешки прашања, каде народот е збунет, каде што умерениот дел од општество не е убедено од ниту една политичка опција дека е исправно вели универзитетскиот професор Петар Атанасов.

Власта е убедена дека уставните измени ќе поминат додека опозицијата најавува уште позасилена блокада во законодавниот дом. Како последно, заменик-претседател на СДСМ, Сања Лукаревска, изјави, дека има многу прогресивни сили коишто сакаат да одат напред и затоа е оптимист дека може да поминат уставните измени. Опозицијата, пак инсистира на предвремени парламентарни избори, бидејќи според  нив, тоа е единствениот излез од политичката криза.

Викторија Миткова