Пратениците во македонското Собрание од денеска се враќаат на работа

Пред официјалниот старт на работата на пратениците, претседателот на Собранието Талат Џафери на маса со координаторите на пратеничките групи со исклучок на ВМРО-ДПМНЕ. Опозициската партија одби да присуствува на координацијата и уште еднаш посочи дека ќе продолжи со активната блокада. Координаторот Никола Мицевски најави стопирање на сите закони за кои ВМРО-ДПМНЕ смета дека нема да донесат бенефит за граѓаните и ќе бараат дополнителни информации за продолжувања на кризните состојби, за тоа каде се потрошени парите, зошто се донесени и што е постигнато со сите нив.

Од Кабинетот на спикерот Талат Џафери информираат дека во наредниот период ќе се одржуваат продолженија на веќе започнати седници а првата нова пленарна седница е закажана за 14 септември.

Претседателот  Џафери им посочи на координаторите на пратеничките групи од утре да продолжи со работа Комисијата за избори и именувања со точката за избор на уставните судии, а преостанатите комисии на Собранието на Република Северна Македонија да продолжат со разгледување на преостанатите точки од дневните редови.

Во периодот што следи, пратениците ќе работат и по продолженијата на веќе започнатите пленарни седници – информираат од Кабинетот на Џафери.

Владиното мнозинство, кое во изминатите месеци тешко обезбедуваше кворум за одржување седници, сега се надева дека таквиот проблем ќе биде надминат и дека ќе се подобри соработката со опозицијата.

Најискрено очекувам функционално Собрание затоа што тоа е во интерес на граѓаните, особено во вакви услови наметнати со енергетската криза и сите последици од неа. Секако, мора да се движат и другите обврски за кои е надлежно Собранието. Парламентарното мнозинство е тука за граѓаните, остануваме посветени на граѓаните. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска одби да присуствува на координацијата кај спикерот Талат Џафери, но се надевам дека ваквото однесување ќе се промени во иднина. Наместо блокирање и одолговлекување на седниците, потребен е функционален и ефикасен Парламент – изјави координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески.

Владејачкото мнозинство сега на агендата има: Комисијата за избори и именувања конечно да ги предложи тројцата уставни судии но и да ја  продолжи енергетската кризна состојба до март наредната година, за да може непречено да се трансферираат пари на ЕСМ.

Адријана Алексиеска