„Пранкерот“ Вован за Алфа: Сите наши „жртви“ се правдаат дека биле мета на Кремљ, ние само практикуваме истражувачко новинарство

Телевизија Алфа стапи во контакт лично со Владимир Кузнецов, еден од двајцата пранкери кои го „насамарија“ првиот човек на Владата. Тој вели дека целта не им била да ја забавуваат јавноста, туку да ја истражуваат политиката. По обвинувањата на премиерот Заев кој вчера пред новинарите се правдаше дека бил мета на добро организирана структура, комичарот одговори: „ Не сме руски агенти ниту пак сме поврзани со некакви тајни служби“.

-Сите наши жртви се правдаат дека биле мета на Кремљ. На овој начин ги правдаат своите грешки. Ние нашата активноста ја нарекуваме „пранк новинарство“, значи преку пранкот спроведуваме истражувачко новинарство, но не сме поврзани со тајните служби ниту со властите, вели за Алфа Владимир Кузнецов или пранкерот Вован.

Велат дека нивните „жртви“ ги бираат според нивната популарност, а она што ги интересирало во разговорите било нивното мислење на меѓународната политика, а пред се за односите со Русија.

Инаку, во телефонските разговори кои ги објавија руските комичари, Кузенцов и Столаров, Заев мислејќи дека разговара со Столтенберг и Порошенко отворено ги критикува Турција и Русија и објаснува дека претседателите на Србија и Косово почнале преговори за споделување на територии и менување на граници.

Во текот на разговорите македонскиот премиер на рускиот комедијант му ги издиктирал телефонските броеви на американскиот помошник државен секретар Вес Мичел и на косовскиот премиер Рамуш Харадинај.

За содржината на телефонските разговори, се огласи единствено руската амбасада во Скопје, од каде кусо изјавија дека нема да коментираат активности на приватни лица, особено не шеги на комичари.

Биљана Божиновска