Пранкерот Вован ексклузивно за Алфа: Заев ни се јавуваше на Воцап и ни праќаше фотографии

„Пријателе, вчера на прес конференцијата се бореше како лав“ – ова е последната преписка од руските комичари испратена денеска до премиерот Зоран Заев. Заев ја видел, но не им одговорил, ни откри еден од двајцата руски комичари, Владимир Кузнецов, со кој Алфа и денеска ја продолжи комуникацијата. Тој вели дека разговорот со македонскиот шеф на Владата почнал лани во август, а првиот контакт со Заев бил договорен преку неговата секретарка.

– Се јавивме во канцеларијата на премиерот преку контакт на официјалната веб страница. Рековме дека се јавуваме од Киев, од кабинетот на претседателот Порошенко и дека сакаме со македонскиот премиер да разговараме за економија, вели Кузнецов.

После првиот разговор, лично премиерот, мислејќи дека разговара со поранешниот украински претседател, се понудил во иднина да се слушаат преку приватните броеви на „Ватс ап“.

– Премиерот често ни праќаше фотографии од неговите средби со политичари, па дури и ни пиша дека се сретнал со членови на украинскиот Парламент. Мислејќи дека разговара со Порошенко, тој последен пат ми ѕвонеше на 4 јуни, но не му се јавив оти спиев, додава тој.

Денеска и премиерот потврди дека со сега веќе лажниот Порошенко разменувале фотографии од средби. Додаде дека не постоел протокол кој ќе го ограничи во комуникацијата.

– Во тоа време јас верував дека имам комуникација, како што добивав слики од парадата на војската во Украина, од т.н. претседател Порошенко, јас сум праќал слики од Мекел од посетата. Јас продолжувам со моите директни комуникации со претседатели и премиери, вели Заев.

Тој вели дека целта на нивните шеги не е да ја забавуваат јавноста, туку да ја истражуваат политиката. „Ние не сме руски агенти ниту пак сме поврзани со некакви тајни служби“.

Сите наши жртви се правдаат дека биле мета на Кремљ. На овој начин ги правдаат своите грешки. Ние нашата активноста ја нарекуваме „пранк новинарство“, значи преку пранкот истражуваме, но не сме поврзани со тајните служби ниту со властите.
Кузнецов вели дека Заев го одбрале поради проблемот со Грција и договорот за промена на уставното име кој долго време ги бранувал светските медиуми. И покрај тоа што името се смени и веќе не беше актуелно за медиумите, ние продолживме со комуникацијата оти сметавме дека е штета да го напуштиме нашиот драг пријател Заев, ни пиша Кузнецов.

Биљана Божиновска