Пранкерите го променија мобилниот на Заев, но и го премислија, дел од соработниците ќе ги брка од работа

Прво тврдеше дека протоколот нема да одговара за ништо, па се предомисли – премиерот ќе отпушти од работа дел од неговите соработници после неколкуте скандали од разговорите со руските комичари наваму, соопшти пред неколку часа Владата. Причините што го натерале да направи „анализа на професионалноста и ефикасноста“ на дел од луѓето кои работат во секторот комуникации и протокол, не се наведени, ама во владиното соопштение е нагласено дека врз основа на истата „на некои ќе им се заблагодари за соработката“.

-Во тек е унапредување на протоколите и правилата за закажување состаноци и за спроведување на телефонски разговори во Кабинетот, со цел да се обезбеди високо ниво на проверки и заштити на комуникациите на претседателот на Владата.
Како дел од мерките за безбедност и внимателност во дигиталните и телефонските комуникации, во рамки на кабинетот на премиерот променети се дел од техничките уреди, вклучително и мобилните телефони и броевите на мобилните телефони на премиерот и на дел од неговите соработници, се вели во соопштението.

Пред само неколку дена, откако излезе скандалот со руските пранкери, Заев на прес конференција беше дециден дека никој од протоколот за комуникации не е одговорен што една цела година тој бил измамен од комичарите, без никогаш да не се посомнева а и никој од неговиот кабинет да не разбере.

Што го предомисли Заев, останува енигма. Во соопштението само се вели оти промените следат откако Владата „одлучно најавила спротивставување и справување со дезинформации и со напади врз демократијата во земјата“. Во меѓувреме, Кабинетот на премиерот подготвувал и т.н. План за одлучна акција против ширење дезинформации чија прва верзија наскоро ќе била претставена пред јавноста.