Празнична честитка или провокација-Македонците изостанаа во пораката на ИВЗ за Курбан Бајрам

Браќа и сестри, Албанци и Турци, торбеши и Бошњаци, Роми и сите останати …“ вака деканот на Факултетот за исламски науки, Шабан ефенди Сулајмани, им се обрати на верниците по повод честитката за Курбан Бајрам. Дали деканот на свесно ги елиминираше Македонците од овој видео говор што инаку го зборува во име на поглаварот на ИВЗ во Македонија?
Во видео обраќањето од без малку 4 минути, деканот неколку пати го споменува новото име на државата, но не и Македонците.
И вие драги сонародници од дијаспората нека ви е среќен Курбан Бајрам. Алах да ви подари радост на вас и на вашите најмили. Вашата радост споделете ја со вашите сограѓани од друга вероисповед и од друга национална припадност, вели деканот во видео-пораката.
Ако исламот е религија што не признава поделби и дискриминирања, тогаш зошто се изоставени Македонците од честитката? Побаравме официјално објаснување од Исламската верска заедница. Од ИВЗ денеска не сакаа да зборуваат пред камерата на Алфа. Велат имале активности по повод третиот ден од Курбан Бајрам, кога се дели помош и храна за сиромашните и за болните. Неофицијално се обидоа да го оправдаат деканот оти во фразата „сите останати“ мислел и на Македонците, но едно е да се мисли а друго е да се каже, нели?
Јавноста очекува официјално објаснување од ИВЗ. Во меѓувреме, останува фактот дека Торбешите се македонски муслимани, но меѓу Македонците има и муслимани кои не се Торбеши. А, има и такви кои пак не сакаат да бидат нарекувани Торбеши. Како и да е, сите овие го слават големиот муслимански празникот и по логиката на сите нешта требаа да бидат споменати во честитката на деканот како Македонци- но ги нема. Намерно или не, одговорот е кај ИВЗ.
Искра Коровешовска